Зошто дефтероканонските книги не се дел од стандардната Библија?
Стандардната Библија се состои од 66 книги. Овие книги се нарекуваат протоканонски и се заеднички за сите христијани (католици, протестанти и православни). Новиот завет кај сите христијани е ист, но во стариот завет во некои преводи на Библијата се наоѓаат дополнителни ткн. дефтероканонски (второ-канонски) книги кои биле напишани во периодот 2-4 век пред наша ера. Во католичкиот канон на стариот завет се наоѓаат 7 вакви дефтероканонски книги (Товит, Јудита, Барух, Мудрост Сирахова, Мудрост Соломонова, 1ва и 2ра Макабејска книга), додека во православниот канон има 11 дефтероканонски книги ( 2 и 3та Ездра, Товит, Јудита, 1ва, 2ра и 3та Макабејска, Мудрост Соломонова, Мудрост Сирахова, Посланието на Еремија и книгата Барух). Овие книги (плус минус некоја) се наоѓаат и во Библискиот канон на Грузиската, Ерменската, Сирската, Коптската и Етиописката православна црква.[1]
Иако самиот збор „дефтероканонски“ (второ-канонски) укажува на тоа дека тие се второстепени и не се еднакви на Божјиот Збор кој не може да биде „второ-степен“, сепак некои христијани, бидејќи ги гледаат овие книги измешани во кориците на Библијата, веруваат дека и тие се Божји Збор и еднакви на останатите протоканонски книги. Еве неколку добри причини зошто дефтероканонските книги не се еднакви на Божјиот Збор:
1. Евреите никогаш не ги прифатиле овие книги како канонски. Ние христијаните го превземаме Стариот Завет од евреите, а не тие од нас. Тие биле многувековни чувари на Божјиот Збор. Сите пророци, сите библиски писатели биле евреи. Така што ние сме зависни од нив кога станува збор за старозаветните книги. Тоа мораме да им го признаеме на евреите, без ронка гордост во нас. Дефтероканонските книги не се признати од евреите т.е. од оние од кои ние го наследуваме Стариот Завет.
2. Читајќи ги евангелијата можеме да видиме како Исус често пати имал дискусии и препирки со еврејските религиозни водачи, ги укорувал за многу нешта, но никогаш Исус не им забележал за канонот, никогаш не ги укорил дека наводно отстраниле или додале некоја книга во него. Исус во една прилика рекол: „Писмото не може да биде нарушено“ (ев. Јован 10:35, Библијата).
На друго место Исус рекол: „Вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.“ (ев. Матеј 5:18, Библијата)Така што доколку евреите отстраниле и само еден цитат од Стариот Завет, Исус сигурно ќе им забележел и ќе ги укорел дека го нарушуваат Писмото, дека отстрануваат од Него Божји зборови или сл., а камо ли ако евреите отстранеле цели книги од Стариот завет.
3. Христос и апостолите цитирале 295 места од старозаветните протоканонски книги, но не цитирале ниту еден стих од овие дефтероканонски книги! Во Новиот завет се цитирани 34 од 39те старозаветни книги, но ниту една од дефтероканонските. Само Исус цитирал од 24 различни старозаветни книги.[2]
4. Исус, во една прилика, на еврејските религиозни водачи им рекол: „Змии, змиски породи! Како ќе побегнете од судот на пеколот? Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град, за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот.“ (ев. Матеј 23:33-35, Библијата)
Според еврејскиот редослед на книгите од стариот завет (тоа се истите книги како и во Библијата, но малку поинаку подредени и групирани) првата книга е книгата Битие (1 Мојсеева) каде што е опишано убиството на Авел (Битие 4:8, Библијата), а последната книга е Втора книга Летописи каде што е опишано убиството на Захарија. (2 Летописи 24:20-22, Библијата). Со горната изјава Исус Христос јасно ги потврдил границите на стариот завет (канонот), посочувајќи на првата и последната старозаветна книга и со тоа го потврдил еврејскиот канон за валиден, а со тоа и стариот завет на стандардната Библијата.
5. Пророкот Малахија (4век пне) го претскажува следниот Божји пророк – Јован Крстител (Малахија 4:5, Библијата) (1ви век) и не остава простор за дополнителни Божји пророци, откровенија меѓу него и Јован Крстителот.
6. Епископот Мелито од Сардис направил една листа каде што ги навел сите протоканонски старозаветни книги (освен книгата на Естер), но ниту една од дефтероканонските книги.[3] Ова е најраната позната листа на старозаветни книги од христијански извори.
7. Ориген имал можност да ја види Макавејската книга, но не ја нарекол канонска. Евзебиј го цитира Ориген и ја потврдува неговата листа додавајќи ја и книгата на Естер, но повторно НИТУ ЕДНА од дефтероканонските книги.[4]
8. Исто така Евзебиј за Макавејските книги вели дека се “надвор од овие канонски книги”.[5]
9. Исто така и Атанасиj Велики, во 367г. пишувајќи го своето пасхално писмо (познато како Велигденско послание), ги навел сите протоканонски книги од Новиот Завет и сите протоканонски книги од Стариот Завет (освен книгата на Естер), но спомнува само две од дефтероканонските книги (Барух и Посланието на Еремија). Тој за овие книги рекол:
„Овие книги се изворот на спасението, за оние кои се жедни да можат да се напојат со живите зборови кои ги содржат. Само во нив се содржи доктрината на побожноста. Да не се осмели човек кон нив да придодаде или да одземе. Бидејќи токму за ова Господ ги посрамоти Садукеите кога им рече „Во заблуда сте, бидејќи не го познавате Писмото“.“ (Атанасиј Велики[6])
Потоа тој во продолжение исто така ги спомнал и останатите дефтероканонските книги (Мудрост Соломонова и Сирахова, Естер, Јудита, Товит, Учењето на апостолите (Дидахето), Пастирот од Хермас) и рекол дека тие навистина не се вклучени во канонот, но дека се посочени од црковните отци да бидат читани од новите кои се приклучувале во заедницата и кои сакале инструкции за побожност во словото.
Секако дека Атанасиј Велики, како и другите црковни отци, не биле безгрешни во своето пишување, ама сепак ова кажува за ставот на црквата кон овие книги во 4ти век.
10. Во ниту една од овие девтероканонски книги нема да ја најдете фразата „Господ вели вака..“, затоа што тие книги не се пишувани од Божји пророци.
1. https://en.wikipedia.org/wiki/Biblical_canon#Old_Testament
2. http://www.bible.ca/b-canon-old-testament-quoted-by-jesus-and-apostles.htm
3. Ecclesiastical History 4.26.14
4. Ecclesiastical History 4.26.14
5. Ecclesiastical History 6.15.2
6. Атанасиј Велики, 39-то Велигденско послание