Uncategorized

Која е прaвата црква?

На светов постојат повеќе цркви и секоја за себе тврди дека е правата и вистинска црква Христова. Некои цркви дури и велат дека САМО верниците во нивната црква се вистинската Црква христова, а сите останати христијани се отпаднати, лажни, секташи, еретици, расколници и сл. Пред да одговориме на прашањето, прво ќе разгледаме што НЕ е критериум за права црква Христова според Светото Писмо се разбира..

1. Христовата Црква не е ограничена во рамките на една институција (организација).

Никој нема монопол над Христовата црква. За жал ова често се случувало во историјата, доминантната црква да тврди за себе дека е од Бога овластената и да ги прогонува сите верници кои не се дел од нејзината организација. Се разбира, како и многу други работи, првиот обид за монополизација на црквата го направиле апостолите:

„А Јован проговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој истерува нечисти духови во Твое име, и му забранивме, зашто не оди со нас.” Исус пак му рече: „Не бранете му – зашто, кој не е против вас – за вас е.”“ (ев. Лука 9:49-50, Библијата)

Исусовите апостоли сретнале некој христијанин кој не бил од нивната „организација“ и си земале слобода да му забранат да истерува демони во Исусовото име затоа што не бил од нивната организација за која мислеле дека има монопол над Исус и никој друг не смеел да прави чуда или да проповеда во името на Исус. Исус очекувано ги корегирал укажувајќи им на тоа дека иако тој не е од нивната интерна (видлива) организација, сепак е Негов ученик и дел од Христовата Црква која не се наоѓа само во рамките на една инстутицонализирана организација или деноминација.

2. Историската поврзаност не докажува и поврзаност со Христос

Некои цркви се повикуваат на историска поврзаност со раната црква. Тоа го прават преку разни низи на епископи, овој го ракоположил оној, а тој пак бил ракоположен од оној и се така се обидуваат да направат некаков континуитет до апостолите со цел да докажат дека се нивни вистински наследници. Но што вели Библијата за ова?

Прво, погоре видовме пример на човек што не бил ракоположен од апостолите, а сепак бил одобрен и тоа лично од Исус.

Второ, во Библијата јасно пишува дека и оние што биле лично поставени од апостолите за епископи можат да отпаднат, па дури и пророчки било кажано дека ќе отпаднат од Христовата вера.

“Павле извести во Ефес да ги повикаат старешините на црквата. А кога дојдоа кај него им рече: … Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи (епископи), за да ја пасете Божјата Црква…. а и од вас самите ќе се подигнат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе” (Дела 20:17-30, Библијата)

Трето, Исус преку апостол Јован ја предупредил локалната црква во Ефес (која била поставена од апостолите) дека ако не се покае, ќе го отстрани светилникот од таа црква и таа црква повеќе нема да биде Христова.

“Но имам нешто против тебе, зашто ја остави првата љубов. И така спомни си од каде падна и покај се. А ако не, скоро ќе дојдам при тебе и ќе го отстранам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш.“ (Откровение 2:4-5, Библијата)

Овде не се мисли на „романтична прва љубов“, туку на првата љубов кон вистината, кон евангелието и Исусовото учење. А „светилникот“ не се однесува на физички светилник, туку на Светиот Дух.

Четврто и фарисеите се повикувале на својата историска (крвна) поврзаност со Авраам, но сепак Јован Крстител им рекол дека Бог може и од камењата да издигне чеда на Авраам, а Исус им рекол дека иако се Авраамови телесни потомци, тие всушност се чеда на ѓаволот.

„И не велете си во себе: “Авраам е наш татко”, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраам. Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Матеј 3:9-10, Библијата)
„Исус им рече на евреите кои Му поверуваа: “Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици…” Му одговорија: “Ние сме Авраамово потомство…” Исус им одговори: “Знам дека сте Авраамово потомство, а сепак сакате да Ме убиете, зашто Моето слово не наоѓа место кај вас…” Му одговорија и рекоа: “Наш татко е Авраам”. Исус им рече: “Вие поттекнувате од вашиот татко – ѓаволот.” “ (Јован 8:31-44, Библијата)

Одовде гледаме дека на Исус не му е важна физичката или организациска поврзаност, туку духовната поврзаност која се карактеризира со послушност кон Божјото т.е. Христовото Слово. Некој паметен рекол: Бог нема внуци, туку само деца Без разлика дали си крвен наследник на некој голем и исправен верник или пак си ја наследил неговата/нејзината Библија или пак го славиш Бог во просторија каде што Христовите апостоли проповедале, ако лично ти не се покаеш и не го следиш Исус, ништо од наведеното нема да ти помогне.

3. Духовната поврзаност докажана преку Светото Писмо докажува поврзаност со Христос.

Како што гледаме и во претходниот цитат, Исус вели: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици“ (ев. Јован 8:31, Библијата
„Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо… Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.“ (ев. Јован 15:5,7 Библијата)

4. Црквата може да застрани, но Божјиот Збор НЕ!

Црквата може да застрани и за тоа сведочи целата историја уште од времето на апостолите. Скоро сите посланија во Новиот Завет се всушност писма на корекции на црквите кои иако биле основани од апостолите, сепак уште во самиот старт застранувале во учењето и праксата. Апостолите ги корегирале овие цркви преку Божјиот збор – кој всушност претставува Божјата насока, Божјиот компас насочен кон Царството Небесно. Самиот Исус кога се молеше за нас непосредно пред да биде распнат побара од Отецот Небесен да не освети во Божјото Слово:

„Татко… Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината.“ (ев. Јован 17:17, Библијата)

Нема сомнение дека оваа Исусова молитва била целосно услишана и затоа христијантие (Црквата Христова) ја имаат таа привилегија да бидат осветени во Светото Писмо и доколку застрануваат во учењето или праксата постојано да се корегираат, реформираат и навраќаат кон изворното христијанство проповедано од Христос и апостолите.

Заклучок: Совршена безгрешна црква не постои. Но вистинска црква Христова е секоја поголема или помала заедница христијани чија што глава (водач, авторитет, господар) е Исус Христос, која што своето учење и пракса ги темели на Исусовото и апостолско учење запишано во Светото Писмо – Библијата. Деноминацијата не спасува, туку Исус спасува. На Судниот ден ќе има многу изненадувања. Таму ќе видиме многу спасени верни христијани од деноминации кои сме сметале дека биле целосно отпаднати, но за жал нема да видиме и некои луѓе кои сме ги нарекувале браќа и сестри и седеле одлево или одесно од нас при славењето на Бог.