Исус

Зошто евреите не го прифатиле Исус?

Ова е често поставувано прашање меѓу христијаните. Во поширока верзија прашањето гласи вака: Ако Стариот завет (на еврејски Танак) изобилува со Месијански пророштва кои биле исполнети од Исус Христос, ако Исус направил толку големи чуда меѓу евреите, тогаш зошто мнозинството евреи не го прифатиле како ветениот Месија?
  1. Исус немал влакно на јазикот и зборувал директно против лицемерната и горделива надворешна „побожност“ која ја практикувале еврејските религиозни водачи (фарисеите). Пробајте и вие јавно да зборувате против верските водачи на доминантната религија во вашата средина, па да видите каков фидбек ќе добиете. Денес, заради демократското уредување дури и полесно ќе поминете.
  2. Исусовите чуда биле недвосмислени и затоа евреите не можеле да речат дека тој прави некакви трикови, но затоа пак се досетиле да велат дека Исус ги прави овие чуда преку силата на Белзебул (владетелот на демоните). Кога Исус го воскресна 4 дена мртвиот Лазар, веќе не можеле да одат со оваа теорија, па затоа решиле да го погубат. И подоцнежните евреи не ги негирале чудата на Исус, но затоа во нивната света книга – Талмудот се наречени „магии“ што Исус ги правел. (Санхедрин 43а). Секако во Талмудот не пишува ништо за исчезнувањето на Христовото тело на третиот ден, бидејќи евреите немаат објаснување што се случило.
  3. Исус не се вклопил во очекувањата на ортодоксните евреи кои ги имале од пророкуваниот Месија. Евреите очекуваа (и се уште очекуваат) Месија кој ќе биде религиозен и политички водач, Давидов потомок кој ќе го обнови Давидовото царство, ќе го ослободи Израел од тогашната Римска окупација, ќе го обнови Соломоновиот храм, ќе ги собере распрснатите евреи низ светот, ќе направи светски мир, а Израел ќе ја шири Божјата светлина низ целиот свет. Еврејскиот месијански портрет бил: Цар, Судија, Одмаздител и револуционерен Спасител. Идејата за Месија како жртвено јагне кое ги зема гревовите на луѓето врз себе и пострадал со срамна и навидум поразителна смрт на крст е непоимлива за ортодоксниот евреин. Тие не очекувале „спасител од гревот“ и некој што им ветува вечен живот и Божјо царство во иднината, туку револуционерен „спасител од окупаторите“ и некој што ќе им даде независност, слобода и убав живот сега и овде. Тоа го гледаме и во евангелијата: „Кога Исус разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар – пак се повлече сосем Сам во гората. “ (ев. Јован 6:15). И апостолите не биле имуни на ваквото сфаќање на Месијанството, па затоа го прашале: „Господи сега ли ќе го востановиш Израелевото Царство?” (Дела 1:6) Или пак кога апостолите Јован и Јаков побарале од Исус да ги направи негова десна и лева рака во Царството што ќе го оформи. И Јуда Искариотски веројатно се надевал на некаква премиерска функција во царството што ќе го оформи Исус, па затоа и се свртел против Него кога видел дека Исус нема да му ги исполни очекувањата. Зошто евреите имале вакви очекувања?
  4. Прво затоа што евреите не веруваат дека пророштва за Исус како жртвено јагне што умира за гревовите (Исаија 53) се однесуваат на Месијата. Второ, затоа што евреите очекувале (и се уште очекуваат) кога Месијата ќе дојде, тој да ги исполни сите пророштва ОДЕДНАШ, во еден негов животен век, а не како што Исус еден голем дел од пророштвата исполнил, загинал, па воскреснал и ветил дека ќе се врати за да го исполни и вториот дел од пророштвата (да го обнови Давидовото т.е. Божјото царство, да воведе мир и праведност низ целиот свет и сл.). Сепак во Стариот завет никаде не се вели дека Месијата ќе ги исполни сите пророштва во еден животен век, а сепак и те како се пророкувани страдањето, смртта и воскреснувањето на Месијата (Псалм 22, 16:10, Исаија 53 итн). Во ев. Лука 4 читаме како Исус влегува во една синагога во Назарет и половично чита едно Месијанско пророштво од Стариот завет кое вели: „Духот на Господа Бога е врз Мене, зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да ги излечам скршените срца, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година“ (Исаија 61:1-2) И тука запрел. Ја затворил книгата и седнал. По кратко молчење, откако сите очи се впериле кон Него, Тој им рекол: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.“ (ев. Лука 4:21) Со ова Исус јасно им се објавил како Месијата. Но интересно е дека ако ја отвориме книгата на пророк Исаија 61-то поглавје ќе видиме дека ова пророштво не завршува со делот каде што запрел Исус, но дека понатаму следи следниов текст: „…и денот за одмазда на нашиот Бог; да ги утешам сите оние што тагуваат, да им соопштам на оние што тагуваат на Сион, дека ним место пепел ќе им се даде украсување, наместо плач – елеј на радост, наместо опаднат дух – славна одежда; и ќе ги наречат силни со правда, градина на Господа – за Негова слава; И ќе ги изградат вековните пустини, ќе востановат стари урнатини и ќе подноват разурнати градови, запустени од дамнешни родови.“ (Исаија 61:2-4) Исус не правел ништо случајно или безначајно. Тој сигурно не бил ограничен на 30 секунди за Неговата проповед. Сигурно имало причина зошто Исус не го дочитал целото пророштво, туку запрел баш таму. Погодувате ли зошто запрел баш таму? Станува збор за пророштво од два дела од кои едниот дел се однесува на првото Христово доаѓање, а другиот на второто кога ќе биде возобновено „Давидовото царство“ т.е. Божјото царство. Пророкот Даниел јасно кажал дека Месијата ќе биде погубен, а потоа срушен Храмот во Ерусалим. (Даниел 9:26) Но ете, Храмот бил срушен 40 години по Христовата смрт, а евреите уште инаетливо го чекаат Месијата и после 2000 години.
  5. И секако уште една голема причина зошто евреите не го прифатиле Исус како Месија е затоа што Исус се објавил и како Син Божји, што било хула за евреите кои не можат да прифатат дека Бог може да има син.
  6. Уште една причина е затоа што ортодоксните евреи тешко можат да прифатат дека веќе не се само тие „Божјиот избран народ“, туку дека постои некаков нов завет, склучен преку Исус Христос, и дека во тој нов завет Бог ги поканува сите народи од целата земја, а не само евреите.
  7. Воопшто да не ги спомнуваме изјавите на Исус каде што пророкува уништување на Храмот и Ерусалим (сосема спротивно на нивните очекување од Месијата), давање на „Божјото Лозје“ на другите народи кои ќе донесуваат (духовен) плод, изјавата на Исус дека ќе го изгради Храмот за три денови (зборувајќи за Неговото тело по воскресението), дека вистинските поклоници веќе нема да се поклонуваат во Ерусалим туку во дух и вистина итн.
Секако оваа не е конечна листа. И за крај не е точно дека сите евреи не го прифатиле Исус. 12те Христови апостоли и првите (илјадници) христијани биле евреи, а и ден денес има многу евреи-христијани кои се нарекуваат „Месијански евреи“.