Библија

Библиските пророштва

Библијата е уникат меѓу “светите книги” и по тоа што, додека во Kyранот, Ведите, исказите на Буда и на Конфучие воопшто нема пророштва, речиси 30% од Библијата се пророштва. Нивните исполнувања се силен доказ за веродостојноста на она што е запишано во Библијата.

Имено ако она што Бог ни го ветил завчера се исполнило вчера и ако она што ни го ветил вчера се исполнува денес, ние можеме со полна доверба да веруваме дека Тој истото ќе го направи и утре. Во овој текст ќе наведеме неколку примери од тие пророштва заедно со нивните исполнувања.


Распрснувањето на Евреите меѓу сите народи
(воедно и Холокаустот на евреите)

 

Пророштво (6 век пред Христос):

“Ќе направам да им бидат за ужас на сите земни царства, за срам и потсмев, за укор и за клетва насекаде каде што ќе ги изгонам. И ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не се истребат од земјата што им ја дадов ним и на нивните татковци.” (Еремија 24:9,10, Библијата)

Пророштво (30та година наша ера):

“Ќе паѓаат од сечилото на мечот, и ќе ги одведуваат во ропство меѓу сите народи; а народите ќе го газат Ерусалим, додека не се исполнат времињата на народите.” (Исус, ев. Лука 21:24, Библијата)

Исполнување:

Се исполни многу одамна (при разурнувањето на Ерусалим 70 год.). Први го газеа Ерусалим римјаните (6 год. – 390 год.), па византијците (390-611), арапите (636-1099), крстоносците (1099-1291), па пак муслиманите (1260–1517), отоманците (1517-1920), па од 1920 до 1948 Палестина е под Британскиот мандат и на 14 Мај 1948г конечно евреите оформуваат слободна држава Израел. За време на овие владеења, евреите постојано претрпувале крвави прогонства.

Погубувањето на Исус и уништувањето на Ерусалим и Храмот во него

Библискиот пророк Даниел тоа го претскажал во 7ми век пред наша ера:

„А по шеесет и две седмици Месијата ќе биде погубен, но не за себе. Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето“ (Даниел 9:26, Библијата)

Докази дека Месијата бил погубен има и во христијанските списи, но и во Талмудот (Санхедрин 43а), во Аналите на римскиот историчар Тацит (Анали XV, 44), во Еврејските антиквитети на историчарот Јосиф Флавиј (Еврејски антиквитети 18.3.3) итн. Сепак пророштвото е интересно што потенцира дека Исус нема да биде погубен за себе, а тоа се согласува со христијанското верување дека Исус бил погубен како жртва за гревовите на човештвото.

Понатаму, пророштвото продолжува велејќи дека народот на еден кнез кој ќе дојде ќе го разурнат Градот и Светилиштето. Ова недвосмислено се однесува на Ерусалим, затоа што таму бил Храмот на евреите т.е. Светилиштето.

Ова пророштво се исполнува во 70та година од нашата ера. По едно неуспешно востание на евреите во 66та година, римјаните го нападнале Ерусалим со војска од 60.000 војници предводени од Веспазијан и неговиот син Тит и го срамниле до темел заедно со Храмот во него кој прво бил запален, а потоа срушен.

(Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Siege_of_Jerusalem_%28AD_70%29 )

Истово го прорекол и Исус непосредно пред Неговото погубување:

“А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и рече: Кога и ти би сознал, дури барем во овој твој ден, што е за твојот мир! Но сега е сокриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни и ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; Не ќе остане, во тебе, ни камен над камен, зашто не го позна времето кога беше посетен!” (Исус Христос, ев. Лука 19:42-44, Библијата)

Според историчарот Јосиф Флавиј, загинале околу 1.1 милиони Евреи и преобратеници во еврејската вера, од кои повеќето умреле од глад и зарази, а 97.000 биле одведени како заробеници. Голем број биле испратени во Рим како робови.

Враќањето на евреите во Израелската земја и брзото формирање на Израелската држава

Ова пророштво почнало да се исполнува во 1870г. со создавањето на Ционистичкото движење и конечно се исполни во 14 Мај 1948 година.

“Зашто еве доаѓаат денови – зборува Господ – и ќе ја изменам судбината на Својот народ во Израел, во Јудеја – зборува Господ – и ќе ги вратам во земјата што им ја дадов во наследство на нивните татковци.” (Еремија 30:3, Библијата)

Евреите биле поттикнати да се враќаат во Израел од од ционистичкото движење коe било создадено на крајот од 19ти век. За време на првиот алијах (искачување), помеѓу 1882 и 1903, околу 35,000 евреи се преселиле во она што денес е Израел. Помеѓу 1904 и 1914, околу 40,000 евреи се сместиле во Јужна Сирија (вториот алијах). Помеѓу 1919 и 1923, нови 40,000 евреи пристигнале во Палестина (третиот алијах). Помеѓу 1924 и 1923 пристигнале околу 82,000 евреи (четвртиот алијах). Помеѓу 1929 и 1939 година, под притисокот на нацизмот во Германија, нови 250,000 евреи пристигнале во Палестина (петтиот алијах). Повеќето од нив т.е. 174,000, пристигнале помеѓу 1933 и 1936 кога Хитлер дошол на власт и го започнал холокаустот на евреите т.е. нивното геноцидно убивање.

„Уште не беше почувствувала родилни маки и ете родила. Пред да настапат болките нејзини, роди син. Кој слушнал такво нешто? Кој видел такво нешто? Може ли земјата да биде населена во еден ден? Дали може народ да се роди одеднаш? А штом ги почувствува болките, Сионката* роди синови!“ (Исаија 66:7-8, Библијата)

Во периодот околу Втората светска војна, кога за време на холокаустот 6 милиони евреи биле убиени, многумина се сомневале дали евреите ќе преживеат како народ, а камо ли пак да оформат држава. Но за кратко време, веднаш по „породилните маки“ како што вели библиското пророштво, на 14ти Мај 1948 година завршил Британскиот мандат над Палестина и во истиот тој ден евреите ја прогласиле новоформиранта држава Израел и прогласиле независност. Уште истата вечер САД го призна Израел, а 3 дена потоа и СССР.
* Сион е синоним за Ерусалим, но и за целата Израелска земја.

(Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/History_of_Israel )

До сега не е познат етнички народ што опстојал повеќе од 2 милениуми без своја држава, при тоа раселени низ целата Земја, неасимилирани од другите народи и после најголемата своја геноцидна криза (холокаустот) да оформи држава. Но ете, библиските пророци, водени од Божјиот дух, ја предвиделе таа моќна Божја промисла за Израел.


Уништувањето на градот Вавилон.

Библискиот пророк Исаија неколку века пред да се случи напишал:

“Вавилон, украсот на царствата, годрост на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род.” (Исаија 13:19-20 и глава 47)

Кога Исаија го изрекол ова пророштво, Вавилон бил еден од најголемите и најсилните градови во тоа време, но и со векови пред и по тоа. Вавилон бил најголемиот град од 1770 год пне. до 1670 год. пне. и исто така во периодот од 612 год. пне. до 320 пне. Се претпоставува дека тој бил првиот град кој достигнал популација од над 200.000 жители.

Едноставно не постоела никаква конкyрентна надворешна сила која му се заканувала на овој град. Веројатно многумина му се потсмевале на Исаија заради ова пророштво.

Но иако бил “украсот на царствата” како што вели пророкот, заради големото идолопоклонство, гордоста на вавилонците која се кревала до небото, паганизмот, спиритизмот итн. Вавилон бил темелно соборен од Бог.

Овие инспирирани зборови на пророкот Исаија почнале да се исполнуваат во 539 год. пне. кога војските на Медијците и Персијците под водство на Кир го освојуваат градот, убивајќи го тогашниот цар Валтазар. Вавилонската светска доминиација е соборена во една ноќ! Со тоа завршуваат вековите на семитската превласт и светот сега паѓа под контрола на аријците. За самиот Вавилон започнува периодот на пад што трае неколку векови.

Во 331 год. пне. Вавилон е освоен од војските на Александар Македонски. По неговата смрт во 323 год. пне. неговото царство е поделено меѓу неговите генерали. Во 275 год. пне. вавилонците масовно се иселуваат во градот Seleucia. Со ова иселеништво историјата на моќниот Вавилон се приближува до самиот крај.

До четвртиот век н.е. од моќниот Вавилон остануваат само еден “куп урнатини” од време на време буричкани од археолозите и, се разбира, од оние кои му се воодушевуваат на горенаведеното исполнето пророштво на Исаија.

1James Gordon Flickr CC COM

Доколку сакате да го посетите и да се уверите во неверојатното и дословно исполнување на пророштвото на библискиот пророк Исаија, урнатините на древниот Вавилон се наоѓа во денешен Ирак, во Месопотамија, меѓу реките Тигар и Еуфрат.


Уништувањето на градот Тир

Многу одамна пред да се случи, Бог прорекол бурна иднина за градт Тир преку пророкот Езекиел:

“Еве ме Тире, против тебе, ќе подигнам против тебе силни народи… ќе ги разурнам тирските ѕидови, и ќе ги разурнат сите неговите стражарнии… Камењата, дрвото, твојот прав ќе ги фрлат во морето! Ќе те претворам во гладок камен, ќе станеш сушилница за мрежи“ (Езекиел 26:3,4,12,14, Библијата)

Историја:

Кога ќе ги погледнеме историските записи, ќе видиме дека кога Навуходоносор го уништил стариот (копнен) град Тир, тој навистина ги  урнал ѕидините и стражарниците како што било проречено: “ќе ги разурнам тирските ѕидови, и ќе ги разурнат сите неговите стражарнии.” А подоцна конструкторите на Александар Македонски го расчистиле древниот град Тир и го оставиле налик на гола карпа.

Но древниот град Тир се протегал и со еден мал дел (остров) и на морето. Бидејќи е тешко да се војува од море на копно, Александар решил да направи насип до морето. Така тој ги искористил рушевините од копнениот дел на градот Тир и со помош на нив направил насип до островот, со што потоа лесно го освоил.Тоа било точно според пророштвото: “Камењата, дрвото, твојот прав ќе ги фрлат во морето!

Да, до денешен ден рушевините на античкиот Тир се покриени со морските води. Бог рекол дека тоа ќе се случи и тоа се случило.

Иако денес постои добро познат град наречен Тир на Средниот Исток, тоа не е античкиот град Тир кој конечно бил уништен во 1291.
Ако имате можност да го посетите местото на античкиот град Тир ќе забележите дури поневеројатно исполнување на овие пророштва. Таму ќе видете мало село од неколку збиени рибарски колиби, каде ќе забележите рибарски кајчиња како пловат по морето и рибарски мрежи кои се сушат на голите карпи! “ќе станеш сушилница за мрежи“.

Siege of Tyre
Како можела човечката мудрост да предвиди таква несоодветна иднина за така успешен трговски град како што бил древниот Тир?

Питер Стонер споредил седум пророштва за античкиот Тир со историските записи. По пресметките на математичката веројатност за исполнувањето на пророштвата според Езекеил, тој забележал:
“Ако Езекеил го погледнел Тир во свое време и ги направел овие седум пророштва со човекова мудрост, овие пресметки на веројатноста значат дека има една можност од 75 милиони за нивно целосно остварување. Сепак тие се обистиниле до најситни детали. ”

Оваа веројатност се однесува само на пророштвото за древниот Тир, а како што забележавме скоро 30% од целата Библија се пророштва.

Пророштва за Исус Христос

Во старозаветните книги се претскажани стотина Месијански пророштва и сите од нив биле исполнети преку раѓањето, животот, делата, смртта и воскресението на Исус Христос. Според некои пресметки, шансите една личност да исполни само 8 од овие пророштва се 1 од 100,000,000,000,000,000. А пак една личност да исполни 48 од овие пророштва, бројот станува огромен, шансите се 1 од 10 на 157ми степен ( единица со 157 нули после неа ). Ќе наведеме само неколку од тие пророштва:

  • Ќе произлезе од Јаков Броеви 24:17 “Го гледам, но не сега; Го набљудувам, но не од близина; Ѕвезда излегува од Јакова, Жезал се издига од Израел.”
  • Ќе поттекнува од родот на Јуда Битие 49:10 “Нема да се оддалечат од Јуда; ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому му припаѓа, Кому ќе Му се покорат народите.”
  • Ќе го наследи престолот на Давид Исаија 9:7 “Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство”
  • Тој ќе биде Божјиот Син Псалм 2:7 “Ја објавувам Господовата одлука: Тој ми рече: Ти си Мој Син, Јас те родив денес.'”
  • Местото на неговото раѓање Михеј 5:2 “А ти Витлеему Ефратов, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња.”
  • Раѓањето од девица Исаија 7:14 “Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му даде име Емануел (Бог со нас)”
  • Бегството во Египет Осија 11:1 “Додека Израел беше дете, Јас го љубев, од Египет Го повикав Својот Син.”
  • Патот ќе Му биде подготвен преку Јован Крстителот Исаија 40:3-5 “Глас вика: “Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.”
  • Ќе служи во Галилеја Исаија 9:1-2 „Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан – незнабожечката Галилеја. Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееа во мрачна земја, ги осветли силна светлина.”
  • Ќе прогледува слепи Исаија 35:5Eте, вашиот Бог доаѓа со одмазда, со отплата Божја: Toj ќе дојде и ќе ве спаси. Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат;“
  • Триумфалното влегување во Ерусалим на осле Захараија 9:9 “Ликувај од радост Сионска ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска Ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе; справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата.”
  • Предавството од близок пријател “А и мојот пријател, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена петицата против мене.” (Псалми 41:9)
  • Предаден за 30 сребреници Захарија 11:12 “Тогаш им реков: ‘Ако ви е добро тоа, дајте ми плата; ако не е, не ми давајте.’ Тие ми ја одмерија платата триесет сребреници.”
  • Ќе фрлаат жрепка за Неговата облека Псалм 22:18 “Ги поделија моите облеки меѓу себе, и жрепка фрлаа за мојата облека.”
  • Ќе молчи при обвинувањето Исаија 53:7 “Го измачуваа, а Тој оставаше и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, кај оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста.”
  • Ќе биде исмејуван и навредуван од луѓето Псалми 22:6-8 “А Јас сум црв, а не човек, срам за луѓето и презрен од народот. Сите што ме гледаат, ми се потсмеваат, ги растегаат усните, мавтаат со главата и велат: ‘Тој се надева на Господа, нека Го избави, нека Го спаси, ако милува!'”
  • Ќе Му дадат жолчка и киселина да пие Псалм 69:21 “Во јадењето ми замешаа жолчка, во мојата жед ме напоија со киселина.”
  • Ќе пострада за другите Исаија 53:4-5 “А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз Себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме.”
  • Неговите раце и нозе ќе бидат прободени Псалми 22:16 “Кучиња ме опколија, лукав народ ме опкружи. Ги прободија моите раце и моите нозе.”
  • Распнувањето меѓу злосторници Исаија 53:12 “Затоа ќе Му дадам мноштво во наследство и со силните ќе го дели пленот, зашто Сам се понуди на смрт и беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе гревовите на мнозина на Себе и за да се заземе за злочинците.”
  • Неговата коска нема да се скрши Псалм 34: 20 “Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив нема да му се скрши.”
  • Ќе биде прободен со копје Захарија 12:10 “А врз Давидовиот дом и врз Ерусалим ќе излеам милостив и молитвен дух. И ќе гледаат на Оној Кого го прободија; ќе тажат над Него како над единец; ќе го оплакуваат горко како првенец”
  • Погребувањето меѓу богатите Исаиja 53:9 “Му го одредиа погребението меѓу злочинците, а Неговиот гроб беше при богатите, иако не направи неправда, ниту пак устата Му изусти лага.”
  • Ќе воскресение Псалм 16:10 “Зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш твојот светец да види гниење.”
  • Ќе се вознесе на Небо Псалм 68:18 “Издигајќи се на височина, водејќи ги заробениците, Ти доби дарови меѓу луѓето, а и меѓу бунтовниците – за да се настаниш таму Господе Боже!”
  • Времето на Неговото триумфално влегување во Ерусалим (Даниел 9:25-27)

Да забележиме дека во ова пророштво, “седмиците” се однесуваат на седум години (Пророците, често велеле “еден ден” за “една година” и “една седмица” за период од седум години). Наредбата да се обнови и да се изгради Ерусалим била издадена во “дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса”, царот на Персија, т.е. во март 455год. п.н.е. (Неемија 2:1-9). До завршувањето на 49 години (седум годишни седмици), голем дел од славата на Ерусалим била обновена. А потоа, сметајќи цели 483 години ( 7+62 годишни седмици) од 455год. п.н.е. доаѓаме до 29год. н.е. ( нултата година не се смета по тогашниот календар), годината кога Исус бил крстен од Јован Крстител. Тогаш Исус јавно бил идентификуван како Божји Син и тогаш ја започнал својата служба на проповедање.
Пророштвото додава: “а во половината на седмицата, ќе престане жртвата и приносот.” Согласно на ова, Исус, по 3.5 години проповедање, го дал својот живот како последната жртва за човештвото и со тоа се означил крајот на Мозаитскиот закон, со неговите жртви и подароци за принос (Галатјаните 3:13,24,25). Значи, со својата смрт, Исус ги укинал жртвата и приносот.
Како е можно човечка мудрост да предвиди толку неверојатни детали за животот, делото, смртта и воскресението на Исус Христос?
Во Библијата читаме дека Бог преку пророкот Исаија изјавил:

“Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало! Јас велам: Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам се што Ми е по волја!” (Исаија 46:10)

“Минатите настани ги навестив одамна, излегоа од Мојата уста и јас ги објавив; Направив брзо и се збидна…Затоа веќе тогаш ти навестив, ти јавив пред да се збидне, за да не речеш: Мојот кип го направи тоа, мојот делкан лик и одлеаниот идол заповедаа така! ” (Исаија 48:3-5)

„ Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив.“ (Исаија 55:10-11)

Како што забележивме во Библијата најмногу пророштва има за Исус Христос. Тој е централната личност во Библијата. Библијата е Христоцентрична. Овие пророштва се дадени како дополнителен божествен доказ за ние да веруваме дека Исус Христос е Божјиот Син, пророкуваниот Месија, Небесниот Цар и Спасителот на светот и со вера во Него да добиеме опростување на гревовите и живот вечен.

Додаток: Дали пророштвата биле навистина напишани пред нашата ера?

Многу скептици не можејќи или не сакајќи да поверуваат дека навистина некој може да предвиди толку детали со векови однапред излегувале со тезата дека всушност Стариот завет е склопен после Новиот завет и демек таму се додадени пророштвата и направени се да изгледаат дека биле претскажани пред да се случат. Има многу докази дека Стариот завет е завршен 4 века (400 години) ПРЕД нашата ера. Ќе наведеме само три од нив:

  1. Едно од најголемите археолошки откритија на минатиот век „Свитоците од Мртвото море’ кои биле најдени кај областа Кумран близу Мртвото море, сокриени од есените во пештери, датираат од 1ви до 3ти век ПРЕД нашата ера (староста им е одредена со стандардната C14/C12 старосна метода од секуларни археолози). Поради тоа што седеле на темно, ладно и суво место, во голема мера опстојале до денес. Меѓу тие свитоци се наоѓаат и книгите на стариот завет. Тие не биле најдени од христијани, туку првично од некое овчарче по име Мухамед, а потоа археолозите се ставиле во акција.
  1. Септуагинтата е грчкиот превод на Стариот Завет направен во 3 век ПРЕД нашата ера, нарачан од Птоломеј 2ри за потребите на Александриската библиотека (секуларна библиотека, една од најголемите во античкиот свет, изградена од Птоломеј 1ви). Значи ние веќе ги имаме сите старозаветни книги напишани барем 3век ПРЕД нашата ера! Во 1ви век Септуагинтата била во стотици копии распрскани низ три континенти и невозможно било некој да „вметне“ пророштва во сите нив, без притоа да биде забележан. А истото требал да ги направи и во свитоците од Мртвото море во областа Кумран. И тоа не само со едно пророштво, туку со стотина. (Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Septuagint )
  1. Христијаните го наследуваат Стариот завет од евреите. Ако некој не сака да види пророштва за Исус Христос во Стариот завет, тоа сигурно се евреите кои го сметаат Исус за еретик и лажен Месија. Евреите не би дозволиле по никоја цена менување на нивните свети списи од страна на христијаните, а камо ли па да преќутат додавање пророштва кои го потврдуваат Исус Христос на пример. Но евреите немаат никаква забелешка за Стариот завет што го користат христијаните во својата Библијата и тој е идентичен со Стариот завет (Танакот) што го користат евреите.