ИсламИсус

Дали имало други пророци после Исус?

Скоро сите религии го признаваат Исус, поточно некоја своја верзија од Исус. Многу религии велат „Да Бог се објави преку Исус, но тој ист „Божји Дух“ бил и во Буда, Конфучие, Мухамед, Џозеф Смит кај мормоните, Бахаула кај бахаистите итн. Тие ја користат Библијата како една солидна и потврдена платформа на Божјата објава кон човештвото и затоа мудро сакаат да се „надоврзат“ на неа.

Така на пример муслиманите велат дека Исус бил претпоследниот пророк на Аллах, но дека тој го навестил доаѓањето на Духот на вистината (Утешителот, Светиот Дух) за кој веруваат дека е уствари Мухамед. И секако тој го има последниот и веродостоен збор за тоа што треба да веруваме за Бог, за нас и како треба богоугодно да живееме. Претходните Божји објави (евангелијата, старозаветните книги) биле мистериозно „изменети“ и затоа се неверодостојни и затоа треба Куранот да го слушаме.
Истиот „мост“ го прават и бахаистите кои тврдат дека Божјиот дух се објавил преку Исус, па потоа преку Мухамед, но сето тоа биле млади и половични објави од Бог, бидејќи човештвото било во една незрела фаза од својот развој, па затоа најпосле современо се објавил преку Бахаула кој секако го има последниот збор.
Овде не би ја дискутирал нивната вера, но ќе покажам дека Библијата е јасна по ова прашање дека Божјите пророци завршуваат со Исус и во Библијата нема најава за нови „пророци“.

 

Дали Исус најавил други пророци?

Исус пред да биде распнат го најавил доаѓањето на Светиот Дух врз христијаните: “а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков.” (Исус, ев. Јован 14:26, Библијата). Дали е можно ова да се однесува на Мухамед или на некој друг подоцнежен пророк? Секако дека не. Исус им рекол дека Светиот Дух ќе дојде не по многу денови (Дела 1:4-5), а дека не се тоа симболични „денови“ е јасно од контекстот каде што Исус им вели на апостолите да не се оддалечуваат од Ерусалим додека не дојде тој. Апостолите чекаат десетина дена и Светиот Дух се симнува во облик на огнени јазици и сите тие почнуваат да зборуваат на различни јазици за големите Божји дела.

Понатаму Исус јасно вели дека Божјите пророци завршуваат со Јован Крстителот: „Законот и Пророците беа до Јован. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото Царство” (ев. Лука 16:16, Библијата)

Исто така Исус во една илустрација јасно кажал дека Бог прво ги праќал пророците да го опоменуваат Израел и НАЈПОСЛЕ го пратил Својот Син Исус.
„Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде. А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови. И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа. Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто. НАЈПОСЛЕ го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!” Но земјоделците, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!” И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?”“ (Исус Христос, ев. Матеј 21:33-40, Библијата)

Во продолжение Исус објаснува дека лозјето е Божјото Царство, што значи дека во таа илустрација слугите се пророците што Бог ги праќал да го опоменуваат Израел, а синот е Исус. Забележи го зборот „Најпосле“. Значи Бог прво праќал пророци, а потоа НАЈПОСЛЕ го пратил Својот Син. И толку. Завршува приказната. Од ова автоматски следи дека после Својот Син Бог не праќал други пророци, туку Синот им го пратил како последна опомена.


Дури и пророкот Даниел пред нашата ера пророкувал дека Исус ќе им стави печат на привиденијата (пророштвата) и пророците.
„Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави ПЕЧАТ на привидот и на пророците, за да се помази Светиот над светите.“ (Даниел 9:24, Библијата)
А дека ова се однесува на Исус, се гледа од продолжението каде се „Светиот над светите“ се ословува со Кнезот Помазаник. Помазаник македонски превод на еврејското Месија. Следниот стих вели дека Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе, а дека Ерусалим и храмот ќе бидат разурнати. Токму тоа се случи со Исус и Ерусалим и храмот.

Заклучок: Многу религии и верски организации можат да се повикуваат дека се поврзани со Исус и Библијата, дека се дел од Божјиот ланец на пророци. Но Библијата не го вели тоа и не остава простор за дополнителни пророци после Исус. Од друга страна, Библијата јасно вели дека ќе се појават лажни пророци и лажни „христоси“ кои ќе тврдат дека доаѓаат во Божјо име и ќе заблудат мнозина. Библијата одлично го предвидела и тоа.