Исус

Историчноста на Исус

Историски гледано, за животот и учењето на Исус дознаваме од:

Историски извори од 1 век Историски извори од 2 век
Новозаветни христијански извори за Исус:

  • Евангелието по Матеј
  • Евангелието по Марко
  • Евангелието по Јован
  • Евангелието по Лука
  • Делата на апостолите од Лука
  • Писмото на апостол Павле до христијаните во Рим
  • Писмото на апостол Павле до христијаните во Галатија
  • 1-то писмо на апостол Павле до христијаните во Коринт
  • 2-то писмо на апостол Павле до христијаните во Коринт
  • 1-то писмо на апостол Павле до христијаните во Солун
  • 2-то писмо на апостол Павле до христијаните во Солун
  • Писмото на апостол Павле до христијаните во Ефес
  • Писмото на апостол Павле до христијаните во Колос
  • Писмото на апостол Павле до христијаните во Филипи
  • 1-то писмо на апостол Павле до неговиот ученик Тимотеј
  • 2-то писмо на апостол Павле до неговиот ученик Тимотеј
  • Писмото на апостол Павле до неговиот ученик Тит
  • 1-то писмо на апостолот Петар
  • 2-то писмо на апостолот Петар
  • 1-то писмо на апостолот Јован
  • 2-то писмо на апостолот Јован
  • 3-то писмо на апостолот Јован
  • Писмото на апостолот Јуда
  • Откровението на апостол Јован

Ранохристијански писма:

  • Писмо на Римскиот епископ Климент до црквата во Коринт

Грчки нехристијански извор:

  • Историчарот Талус (цитиран од Јулиј Африканецот)

Следниве се најверојатно од 1 век, но можно е и од почеток на 2ри век:

  • Дидахе (Учењето на апостолите)
  • Мара Бар Серапион (сиријски извор)
Ранохристијански писатели од 2ри век:

    • Пастирот од Хермас
    • Игнатиј
    • Поликарп
    • Папиј
    • Псевдо-Тома
    • Маркион
    • Јустин Исповедник
    • Диатесаронот
    • Муратовиот Канон

Еврејски извори:

Римски извори:

Грчки вон-библиски извори:

    • Целзо (цитиран од Ориген)
    • Луциан (Смртта на Перегринус)
    • Клаудиј Гален
    • Флегон од Тралес (Цитиран од Ориген)

и други од 2 век.

За споредба, за животот и учењето на Сократ дознаваме од записите на неговиот ученик Платон и од записите на Аристотел, Ксенофон и Аристофан. Значи само од 4 извори. За бројноста, временската близина и усогласеноста на Новозаветните историски извори од 1век прочитајте овде.
Предноста кај историските извори за Исус е тоа што доаѓаат од повеќе спротивставени групации на луѓе во однос на Исус. Имено, Исус имал пријатели и следбеници, ама имал и крвни непријатели кои всушност и го наместиле Неговото распнување – фарисеите[1]. Исус имал и подоцнежни непријатели на Неговите ученици – римските окупатори кои не сакале поделби во Римската провинција Јудеа и затоа ги прогонувале христијаните.
Овие спротиставени историски извори кои го спомнуваат Исус во негативно светло дополнително ги потврдуваат непосредните новозаветни историски документи за Исус притоа не оставајќи простор за евентуална пристрасност и субјективност. На пример јас многу повеќе верувам во Исусовото исполнување на старозаветните пророштва знаејќи го фактот дека евреите се континуирани опоненти на христијанството од самиот почеток и дека тие во никој момент од историјата не би дозволиле додавање на „Месијански пророштва“ во нивниот Стар завет од страна на христијаните кои потоа би тврделе дека Исус ги исполнил. Исто така многу повеќе верувам во Исусовите чуда и Неговата смрт бидејќи истите ги наоѓам спомнати и во еврејскиот Талмуд и кај грчкиот филозоф Целзо (иако со негативна интерпретација).

  1. Христијански извори
  2. Еврејски извори
  3. Римски извори
  4. Грчки извори
  5. Зошто нема физички опис на Исус?
  6. Зошто некои современи историчари не го спомнуваат Исус?

 
Христијански извори за Исус

Во христијански извори ги вбројуваме сите 27 (канонски) книги на Новиот Завет, целата апологетска и ранохристијанска литература од првите два века. Во новозаветните (канонски) книги спаѓаат 4-те евангелија, делата на апостолите и посланијата (писмата) на апостолите до одредени цркви или поединци од тоа време.
Несомнено овие се најверодостојните и најсодржајните извори кои ги имаме за Исус Христос. Нивната силна веродостојност произлегува пред се од високиот кредибилитет на нивните писатели. Имено, повеќето од нив имале непосредни искуства со Исус, биле очевидци на настаните или во најмала рака ги познавале лично очевидците. Нивната објективност произлегува од тоа што тие немале никакви мотиви да измислуваат воскреснат Исус и да формираат секта во Јудеизмот. Тие не добиле ниту материјални придобивки од тоа, ниту слава, моќ, позиција и сл. туку само прогонства, страдање и маченичка смрт. Да, 11 од 12те Христови апостоли, а и стотици други умреле маченички заради својата вера во воскреснатиот Исус (зар сите би умреле маченички за лага?).
Понатаму, овие историски извори се истакнуваат и по нивната временска близина со настаните кои ги опишуваат. Тие се пишувани само неколку децении по смртта на Исус, додека сеуште имало живи сведоци кои можеле да ги потврдат, но и да ги оспорат нивните сведоштва доколку биле погрешни.

 
Еврејски извори

Еврејските извори околу историчноста на Исус Христос се многу важни, затоа што Исус по тело бил евреин, растел и живеел во еврејска околина. Исус не бил прифатен од еврејските религиозни водачи, па оттаму очекувано наоѓаме и негативни критики за Него што пак, од друга страна, како и римските записи, се индиректна и независна потврда на новозаветните текстови и не оставаат простор за евентуална пристрасност и субјективност.

 
Јосиф Флавиј, бил еврејски генерал, а подоцна станал историчар. Пишувал кон крајот на првиот век. Во неговите дела има еден впечатлив запис за Исус, кој вреди целосно да се цитира:

“Таму во тој период се појави Исус, мудар човек, ако можеме да го наречеме човек, зошто правеше величевствени дела и ги учеше лугето кои вистината ја прифаќаат со задоволство. Тој придоби многу Евреи, а исто така и многу Грци. Овој човек бил Месија. И кога Пилат го осуди на смрт со распнување на инсистирање на нашите сопствени духовни лидери, оние што го сакаа не се разотидоа веднаш. По три дена Тој повторно се појавил пред нив, жив, како што претскажаа светите пророци, кои навестувале и многу други чудесни работи за него. А христијанството, движење чие име потекнува токму од неговото, се уште не е згаснато.[7]

Јосиф, во своето дело „Антиквитети на евреите“, повторно го спомнува Исус, овој пат индиректно пишувајќи за Неговиот брат Јосиф:

„Фест почина, а (новиот прокуратор) Албин се уште беше на пат. Tој го повика Синeдрионот на евреите и го изнесе пред нив братот на Исус, кој беше наречен Христос, чие име беше Јаков, и некои од неговите придружници, и откако донесе обвинение против нив како прекршители на Законот, ги предаде да бидат каменувани.“[8]

 
Понатаму Исус се сретнува и во Ерусалимскиот и Вавилонскиот талмуд. Во овие дела Исус очекувано е прикажан во негативно светло, како човек кој го прекршувал Мојсеевиот закон, се бавел со магии, го заведувал Израел, дека бил егзекутиран заради тоа, а исто така и се исмева и Неговото девствено раѓање (повторно со клевета дека Марија го родила Исус од блудство). Еве еден познат цитат:

„Во предвечерието на празникот Пасха го обесија Исус Назареецот. Четириесет дена пред тоа пред Него идеше гласник (и говореше): Исус од Назарет мора да биде каменуван бидејќи правел магии, го завел и разделил Израел. Кој има за Него некое оправдување нека дојде и нека го изнесе. Но за Него не се најде никакво оправдување, па го обесија во предвечерието на празникот Пасха.“[9]


Некои евреи (фарисеите и нивните доушници) деноноќно го следеле Исус со цел да го фатат како го прекршува Мојсеевиот Закон и потоа да го осудат. Тие исто така сакале да го фатат како прави трикови, а не чуда и со тоа да го дискредитираат Исус како лажен Месија и со тоа да ги повратат „заблудените“ евреи да се вратат во нивната ортодоксна вера – Јудеизмот. Како што гледаме нивните напори биле безуспешни, тие не можеле да ги дискредитираат чудата на Исус и се што им преостанувало било да тврдат дека тие чуда не се од Бог, туку дека ги прави преку силата на ѓаволот или, како што читаме во Талмудот, дека тоа биле некакви „магии“ што Исус ги научил во Египет.

 
Римски извори за Исус

Во времето на Христос, Јудеја била провинција на големата Римска империја. Оттаму наоѓаме и одредени римски историчари кои, директно или индиректно, сепак го спомнуваат Исус во нивните записи. Од овие најпознати се Корнелиј Тацит (55-120), Плиниј помладиот (62-114), Гај Светониј Транквил (75-160)) и Целзо (~178).

 
Таицит бил римски сенатор и врвен историчар. Тој во своите Анали, опишувајќи го пожарот што се случил во Рим, ги спомнува и христијаните кои императорот Нерон ги прогласил за виновници; затоа тие биле и главните жртви.

Императорот Нерон ја насочи вината и им нанесе екстремни мачења на една класа луѓе омразена заради нивните гнасотии – наречени христијани од народот. Христос, од кого поттекнува нивното име, претрпе екстремна казна за време на владеењето на Тибериј под власта на еден од нашите прокуратори Понтиј Пилат. Па така, запрено за момент, ова најопасно суеверие повторно почнало да се шири не само низ Јудеа, изворот на злото, туку дури и до Рим… Беа изложени на потсмев од секаков вид како додаток на нивната смрт. Беа облекувани во кожи од животни и растргнувани од лавовите и погубувани, или распнувани на крстови, или спалувани на клади и служејќи како светилници во ноќта кога дневната светлина ќе ја снемаше.“.[2]

Таицит ги пишувал Аналите во втората деценија од вториот век.[3]

 
Во тоа време Плиниј помладиот, римскиот гувернер на Битинија, му напишал писмо на императорот Трајан (98-117) во кое го прашал што да прави во врска со ширењето на христијанството во неговата област, затоа што пред него носеле премногу осомничени; и деца и возрасни; и машки и женски, од секој ранг.

Ги прашав директно дали се христијани или не? Ако исповедаа дека се христијани, ги прашував уште еднаш. И трет пат ги прашував вклучувајќи закани во прашањето. Ако останеа на тоа дека се христијани, наредував да бидат егзекутирани…. Оние што одрекуваа дека се или некогаш биле христијани, ја обожаваа твојата слика и сликите на боговите и го проколнуваа Христос… нив ги ослободував… Зашто има многу, од секоја возраст, од секој ранг, и машки и женски, кои сега или понатаму ќе бидат повикани на судење (зашто се христијани) и ќе бидат во опасност, затоа што ова суеверие се шири како епидемија, не само во градовите, туку и во внатрешноста по селата, каде што не постои надеж дека може да се сопре или корегира“.[4]

 
 
Гај Светониј Транквил бил приватен секретар на римскиот цар Адријан и еминентен римски историчар во почетокот на вториот век. Тој, во своето дело „Животот на Клаудиј“ кое е дел од поголемото дело „Животот на цезарите“ (De vita Caesarum) го вели следново:

„Затоа што евреите правеле нереди во Рим проповедајќи го Хресто, (Клаудиј) ги протерал од Рим“.[5]

Истава случка е опишана и во Новиот Завет (Дела 18:2). Имајте предвид дека првите христијани биле во главно евреи, а терминот „христијани“ се уште не бил универзално употребуван, па затоа Светониј вели „евреите правеле нереди во Рим проповедајќи го Хресто“. Исто така Светониј бил римјанин и пишувал на латински јазик, па сосема е очекувано при транслитерацијата погрешно да го спелува грчкиот термин „Христос“.

 
Грчки вон-библиски извори за Исус

 
Целзо бил грчки филозоф од втората половина на вториот век кој го критикувал христијанството како закана за стабилните заедници и паганските религии кои социјалниот систем барал да се почитуваат. Неговото дело „Вистинската доктрина“ не е пронајдена, но за неа дознаваме од репликата која христијанскиот апологет Ориген од 3-от век му ја напишал (Contra Celsum). Во ова дело Целзо се обидува натуралистички да го објасни девственото раѓање на Исус и Неговите чуда, според него тврдејќи дека Марија била силувана од римски војник, а Исус научил некакви „магии“ од Египет и со тие „магии“ ги убедил евреите дека тој е Бог.[6] Интересно е што Целзо, иако противник на христијанството, сепак не можел да ги негира Исусовите чуда познати на тогашната јавност и единствено што му преостанувало било да им даде една небожествена интерпретација.

 
Зошто нема физички опис на Исус?

Постоењето физички опис на некоја историска личност, ниту ја потврдува, ниту ја оспорува нејзината историчност. Постојат многу личности од историјата за кои исто така немаме опис за нивниот физички изглед. Од друга страна пак, постојат физички описи, слики и скулптури на општо прифатени митски личности од грчката и египетската митологија, литературни јунаци и анимирани личности како што се: Афродита, Изис, Дориан Греј, Црвенкапа, Петар Пан итн. Па сепак никој, заради постоењето на физичкиот опис, не тврди дека тие реално постоеле овие личности. Значи, физичкиот опис воопшто не е аргумент кој ја потврдува или порекнува историчноста на една личност.
Ако сепак бараме причина зошто Исусовите следбеници не го сликале ниту пак запишале физичкиот изглед на Исус, веројатно одговорот лежи во идолатријата. Добро ни е познато што се случи со иконите, кои од уметнички творби набрзо преминаа во предмети на обожавање кај верниците кои ги употребуваат.

 
Зошто некои современи историчари не го спомнуваат Исус?

Ова прашање е резултат на погрешниот заклучок дека секој историчар од времето на Исус морал да го спомне Него во своите дела. Но дали е ова валиден критериум и зошто истиот не се бара и од другите историски личности? Впрочем, ако го примениме овој „критериум за историчност“ и врз другите историски личности од античкиот свет, ќе произлезе дека само малку луѓе постоеле во тоа време, а се останато се митски творби и легенди. Но не е така. Секој писател или историчар пишува во одредено време, место, со одредена цел, за одредена публика и со ограниченото знаење и достапност на информации. Погрешно е да се очекува од, на пример, Плиниј 2-ри (Плиниј постариот) да го спомнел Исус во неговото дело „Природна Историја“ каде што тој пишува за природните феномени, за работи поврзани со астрономијата, зоологијата, ботаниката, геологијата, минералогијата и сл. Од друга страна пак, христијанството се уште не било забележливо раширено низ Рим во времето кога пишувал Плиниј. Подоцна, кога христијанството имало забележително влијание во Рим, неговиот посинет внук, Плиниј помладиот, како што видовме погоре, ги спомнува христијаните и нивното обожавање на Христос како Бог.

Исто така треба да земеме предвид и дека во тоа време не постоеле организирани медиуми со кои еден писател би бил информиран за настаните кои се далеку од него, особено ако тие се надвор од неговиот интерес. Денес е лесно некој новинар да го пребара гугл и да има увид за се што се случува низ светот. Но порано не било така. Тогаш немало ни интернет, ни весници, ни телефони, ни пејџери. Во античко време, просечниот човек во текот на својот живот добивал информации за светските случувања веројатно колку што денешниот човек има на располагање во дневните весници.

И од друга страна пак, ние ги немаме сочувано сите антички документи, а и од мнозинството што ги имаме ги немаме во целост, туку само зачуваните делови од нив. Па така, од каде да знаеме дека тие писатели или историчари не го спомнале Исус во некое нивно несочувано дело или пак во некој дел од нивните ракописи кој не опстанал до денес?


1. Фарисеите се еврејските религиозни водачи.
2. Анали XV, 44
3. Според некои историчари 110 год., според други 115-116 или 115-117. Во секој случај во времето на римскиот император Трајан. The New Encyclopedia Britannica, vol. X, p. 145.
4. Плиниј Помладиот, Писма 10:96
5. Животот на Клаудиј 25:4 Еве го текстот и на оригиналниот латински јазик Divus Claudius 25:4
6. Contra Celsus 1:28
7. Еврејски антиквитети 18.3.3
8. Еврејски антиквитети 20.9.1
9. Санхедрин 43а, Вавилонски Талмуд