Дали е погрешно христијаните да пијат алкохол?
Дали е погрешно христијаните да пијат алкохол?
И да и не. Легализмот има тенденција да ги прави работи или добри, или лоши. Црно или бело и никако помеѓу. Но во реалноста не е така. Дали храната е лоша? Не, но ако се прејадуваш – да. Дали лекарствата се лоши? Не, ама со повеќе дијазепами може у кома да паднеш. Дали чеканот е лош? Не, освен ако не треснеш некого по глава со него. Ако претерате и со вода можете да повратите.
Виното – синоним за благослов во Стариот Завет
Слично е и со алкохолот. Во Библијата виното на многу места е спомнато како синоним за благослов и Божји дар за човекот, но сепак се осудува претераното негово консумирање.
„Бог нека ти даде роса од небото и плодност на земјата: изобилство на жито и вино.“ (Битие 27:28)
„Израел живее во безопасност, а Јаковиот извор во земјата на житото и виното, каде небесата дождат со роса.“ (ВтЗакон. 33:28)
„Ти (Боже) правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата. И вино, што го развеселува човечкото срце; да го освежи лицето со масло, и лебот да го зајакне човековото срце.“ (Псалми 104:14-15)
Господ, преку пророкот Исаија, навестувајќи им го Новиот завет за благодатта во Исус Христос, им пророкуваше на луѓето вака:
„О сите вие кои сте жедни, дојдете при водите; ако и немате сребреници, дојдете, купете и јадете. Да, дојдете, купете вино и млеко, без сребреници и без плаќање!“ (Исаија 55:1)
Други цитати: Јоил 2:23-24, ВтЗакон. 14:26, Проповедник 9:7
Иако од контекстот горе јасно е дека станува збор за алкохолно вино, сепак виното е јасно дистанцирано од „сокот од грозје„ во заветот за назирејство каде назиреите не смееле да пијат ниту вино, ниту сок од грозје:
„Господ му рече на Мојсеја: „Зборувај им на Израелевите синови и кажи им: ‘Ако некој, било маж или жена, се заветува за назирејство па ако Му се посвети на Господа, нека се воздржува од ВИНО (јахин) и од секаков жесток пијалок. Нека не пие ни скиселено вино, ниту скиселен опоен пијалак; а нека не пие ни некаков СОК ОД ГРОЗЈЕ (мишра анавим), нека не јаде грозје, ни свежо ни суво.“ (Броеви 6:1-3)
Виното во Новиот Завет
Првите христијани пиеле вино
Павле ги укорил христијаните во Коринт бидејќи кога се собирале за Господовата вечера (причеста), некои од нив се опивале од виното. Внимавајте тој не ги укорува зошто користеле вино во причеста, туку дека претерувале во јадењето и пиењето. (1 Коринќаните 11:20-24)
Кога слегол Светиот Дух на празникот Педесетница, Христовите ученици почнале да зборуваат на други јазици и собраните луѓе почнале да зборуваат дека овие се напиле слатко вино. Апостол Петар во одбрана не рекол дека овие луѓе не пијат вино, туку дека не се пијани бидејќи едвај е третиот час од денот. (Дела 2:15)
Во Новиот завет, виното не е забрането во потполност, дури и за епископите т.е. старешините и за ѓаконите. Интересно е тоа што, во квалификациите за водач на црква, Павле не го користи зборот „да не пие вино“, туку „да не се опива“ т.е. „не смее да е пијаница“ (1 Тим.3:3, 8, Тит 1:7). 1 Тимотеј 1:8 не вели да не пијат вино, туку да не пијат МНОГУ вино. Апостол Павле му пишал на Тимотеј да не пие само вода, туку да зема по малку и вино поради стомакот и честите боледувања (1 Тимотеј 5:23)
И во сите други новозаветни текстови, се осудува претерувањето во виното, робувањето на виното и пијанчењето (Тит 2:3, 1 Петр.4:3-4, Ефесјани 5:18) но никаде не се вели „не пијте“ туку „не се опивајте“. Се разбира, постои опасност, тој што пие и да се опие, но не мора да значи.
Од друга страна, целата Библија го осудува опивањето и предупредува на опасноста од пиењето. Виното може да подлаже; некогаш нас, а некогаш и тој што учи од нас.
Затоа постои и предупредување, ако тоа е соблазна за другите, можеби за некој бивш алкохоличар кој сеуште се лечи од алкохолизам, подобро да не пиеме пред него/неа (Римјани 14:21). Забележете, Павле како причина за непиење, не наведува дека за христијаните е забрането, туку дека тоа може да биде соблазна за некој друг/а.
Исус пиел вино
„Зашто дојде Јован Крстител, ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: „бес има!” Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а велите: „Ете, изедник и пијаница*, пријател на цариниците и грешниците!”
(Исус во ев. Лука 7:31-34)
Овде јасно се гледа дека Јован Крстител не пиел вино, а Исус вели за себе дека пиел. Од контекстот и контрасната споредбата што ја прави Исус со Јован, јасно се гледа дека Исус јадел леб и пиел вино.
Во спротивно нема смисла Исус контрасно да се споредува со Јован и да рече: Јован не пие вино, а Човечкиот Син пие.. вода. Едноставно таквата синтакса нема смисла.
Исус ја претворил водата во вино, а не во шира.
За ова има два добри аргументи:
1. Кога Исус ја превторил водата во вино (ев. Јован 2), за зборот „вино“ во евангелието се користи грчкиот збор “oinos”, кој е истиот збор за вино кој се спомнува и пред да им снема вино на свадбената прослава. Да бидеме реални и искрени, возрасни сме, сме биле на свадба, знаеме какво вино се пие на свадба.
Плус истиот збор oinos се користи и во Ефешаните 5:18 каде се вели: „Не се опивајте со вино во кое е разузданоста“. Значи истиот збор. Со сок од грозје не можеш ни да се опиеш, ни да се разуздаш.
2. На крајот од случката старосватот, откако пробал од виното на Исус, му се обраќа на младоженецот со зборовите: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се ПОДНАПИЈАТ* – слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.”“ (ев. Јован 2:10)
Овде јасно се гледа дека виното што го пиеле на свадбата во Кана имало способност да опива, што значи не било безалкохолна шира. Луѓето на почетокот на веселбите го изнесувале доброто вино, за да го вкусат гостите додека не се поднапиени и да го пофалат, а потоа, откако ќе се поднапиеле, им отапува чувството за вкус и не марат многу за вкусот на виното, туку едноставно уживаат во веселбата.
Заклучок:
Дали ја имаме слободата да пиeме вино? Oд една страна –да, но од друга страна и одговорноста е голема, со нашите постапки, па слободата не треба да ни биде повод, да му угодуваме на телото/телесноста (Галатјани 5:13).
За оние христијани што пијат, советот е да внимаваат да не станат лош пример, да не се фалат со тоа и да не им стане навика.
За оние што одлучиле да не пијат, тоа е за поздрав и восхит, доколку тоа го прават за Господа и заради братот свој, не од легалистички побуди и осуда за оние кои пијат.