Пророк среде нивните браќа
Исламски приговор:
“Ќе им издигнам Пророк од среде нивните браќа, каков што си ти.” (Второзаконие 18:18, Библијата)
Oвде нагласокот е „од среде нивните браќа“. Мојсеј и неговиот народ се ословени како расен ентитет и како такви, нивни браќа се арапите. Исмаил и Исак се браќа и синови на Авраам. Децата на Исак се Евреите, а децата на Исмаил се Арапите – значи тие едните со другите се браќа.
1. Неоснована логика
Тука станува збор за неоснована логика со намера да се заврти водата кон својата воденица, притоа занемарувајќи го културолошкиот и историскиот контекст. На пример, и муслиманите и христијаните веруваат дека сите луѓе поттекнуваат од Адам и Ева, што значи дека според таа логика сите луѓе на планетава се браќа и сестри. Зошто да ги сметаме за браќа оние кои поттекнуваат од децата на Авраам, а не оние од децата на првиот човек Адам т.е. сите луѓе на планетава?
2. На кого се однесува фразата „од среде нивните браќа“?
И покрај интересната логика на муслиманите, Библијата никаде не ги нарекува арапите “браќа на евреите”. Исак и Исмаил биле полу-браќа (Исак е од Сара, Исмаил од Агара), но сепак, дури и да биле од ист татко и иста мајка, тоа нема врска со нивните потомци. Евреите и арапите, во Библијата, никаде, буквално никаде не се нарекувале браќа едни со други.
Кога во Библијата се среќаваат фразите “од среде нивните браќа”, „вашите браќа“, „твоите браќа“ и сл. тоа секогаш се однесува на Израелевите потомци – евреите. Еве на пример тоа јасно се гледа дури и од контекстот на самото пророштво, бидејќи поглавјето започнува вака:
„Свештениците левити – целото Левиево племе – нека немаат дел во наследството со Израел; нека живеат од жртвите палени на Господа и од Неговото наследство. И така, нека немаат наследство меѓу своите браќа: Господ е нивно наследство, како што и им рече.“ (Второзаконие 18:1-2)
Израелците (Евреите) се состојат од 12 племиња (од синовите на Јаков). Свештениците поттекнуваат од Левитското племе и овде Бог вели тие да немаат наследство меѓу своите браќа (евреите од другите племиња) и живеат од нивните жртвени приноси. Исто така 15-от стих (само 3 стиха пред пророштвото), Бог вели:
„Господ, твојот Бог, ќе ти издигне од твојата средина, од твоите браќа, Пророк, каков што сум јас: Слушајте го Него!“ (Второзаконие 18:15)
Овде е нагласено дека пророкот ќе биде од нивната средина, а не од некоја соседна земја.
Еве и друг пример:
“Господ му рече на Мојсеја: Соопшти им на Израелевите синови и речи им …. Нив можете да им ги предавате во наследство на вашите деца, за да ги наследат за секогаш во сопственост. Кон нив можете да постапувате како кон робови. Но кон своите браќа, Израелевите синови, никој не смее да господари со жестокост.” (Левит 25:1,2,46, Библијата)
Забележете дека во овој цитат Господ преку Мојсеј им упатува заповед на Израелевите синови, и нивните браќа исто така ги нарекува Израелеви синови (а не Исмаилови синови!).
Исламски приговор:
Пророштвото вели дека пророкот ќе биде како Мојсеј бидејќи вели: „каков што си ти“. Мојсеј и Мухамед се многу послични отколку Мојсеј и Исус:
1. Мојсеј и Мухамед биле родени на нормален начин. Исус не.
2. Мојсеј и Мухамед биле обични луѓе, а Исус според вас бил Бог.
3. Мојсеј и Мухамед имале мајка и татко, Исус немал татко.
4. Мојсеј и Мухамед биле женети и имале деца, Исус не.
5. Мојсеј и Мухамед умреле од природна смрт, Исус според вас бил распнат.
6. Мојсеј и Мухамед почиваат во земја, а според вас Исус воскреснал.
Повторно вон-контекстуално толкување на зборовите „каков што си ти“. Прво, Мојсеј и Мухамед воопшто не се слични. Навистина Мојсеј бил женет исто како и Мухамед, но за разлика од него имал една, а не многу жени, меѓу кои и малолетно девојче (Аиша). Едниот е скромен и ги контролира своите страсти, а другиот не. Исто така зборовите „каков што си ти“ не се однесуваат на тоа какви роднини и колку деца имале Мојсеј и пророкот. Овие сличности се на работ на хуморот. Доколку го прочитате Петокнижието (5те Мојсееви книги), ќе видите дека централна тема е Божјото избавување на Израелците од ропството во Египет, до ветената земја и тоа под водството на Мојсеј кој зборувал лице во лице со Бог и направил моќни чуда за да ја оствари оваа мисија. Мухамед од друга страна, никого не ослободил, напротив завладеал и воспоставил царство. Едниот е ослободител, другиот освојувач и владетел.
Исус Христос е новиот Мојсеј заради тоа што ГО ОСЛОБОДИ ЧОВЕШТВОТО ОД РОПСТВОТО НА ГРЕВОТ. Со тоа што Исус умре на крстот, го ослободи човекот од ропството на гревот.
Петокнижието завршува со една сумаризација на личноста и делото на Мојсеј. И за чудо, таму не пишува дека Мојсеј бил успешно женет и имал или немал деца, туку вели:
„И не се појави веќе таков пророк во Израел[1], како Мојсеј, кого Господ го познаваше лице в лице, на кого Господ го беше испратил да ги изврши во египетската земја сите тие знаци и чуда над фараонот, над сите слуги негови и над цела земја негова. Чудесни се и големи тие делата што Мојсеј ги изврши со моќна рака пред очите на целиот Израел“ (Второзаконие 34:10-12)
Еве во кои работи треба да бараме сличност меѓу Мојсеј и идниот Пророк што требало да дојде:
- Мојсеј и Исус го познавале Господ лице в лице. Мухамед, според Куранот, комуницирал со ангелот Џибраил.
- Мојсел правел моќни чуда јавно пред народот. Исус исто така. Мухамед не правел чуда.
- Мојсеј ги лечел луѓето. Исус исто така. Мухамед никого не излекувал.
- Мојсеј им дал на луѓето леб од небото, Исус исто така. Мухамед не.
- Мојсеј имал власт над ветровите и водите, Исус исто така. Мухамед не.
- Мојсеј направил чудо со истекување на жива вода, Исус за себе рекол дека е живата вода.
- Мојсеј е чудесно избавен и засолнет во Египет. Исус исто така е чудесно избавен и засолнет во Египет.
- Мојсеј ги избавил евреите од Египетското росптво, Исус од Сатанското ропство на гревот.
- И Мојсеј и Исус се Израелци. Мухамед е араб.
- Името на Мојсеј значи Избавен, Името Исус – Спасител. Избавител, Спасител, тука се некаде. Името на Мухамед значи „Славен, пофален“.
- Мојсеј постеше 40 дена на планината Синај, Христос постеше 40 дена во пустината. Мухамед не.
- Мојсеевото лице светеше кога слезе од Гората (планината), Исусовото лице светеше по Гората на Преображението. Лицето на Мухамед не му светело.
- Мојсеј воспостави завет на Бог со луѓето. Исус исто воспостави завет на Бога со луѓето. Мухамед не воспоставил завет. Воспостувањето на Мојсеевиот завет е една од главните теми во Петокнижието. Новиот завет се нарекува „нов завет“ баш заради Исусовиот нов завет кој го склучил со верниците
- Двајцата беа посредници на заветот. Мојсеј на стариот, Исус на новиот завет. Мухамед не бил посредник на завет.
- Двајцата беа законодавци. Мојсеј ја даде Тората, Исус го даде новозаветниот закон.
- Мојсеј постави 70 владетели над Израел, Исус постави 70 ученици да ги поучуваат народите. Мухамед не.
- Мојсеј испрати 12 шпиони за да ја освои Ветената Земја, Исус испрати 12 Апостоли за да ја освојат Земјата. Мухамед не.
- Мојсеј ги спаси своите следбеници покорувајќи го морето и ветрот. (Излез 14:21) Исус исто така ги спаси Своите следбеници покорувајќи ги морето и ветрот. (Марко 4:41) Мухамед не направил такво нешто, ниту слично такво чудо.
- Мојсеј подигна дрво со змија за да ги излекува луѓето, Исус САМИОТ беше подигнат на дрво на крстот како духовно лекување на луѓето. Мухамед не.
- Мојсеј ја претвори водата во крв, Исус ја претвори водата во вино
- Четири века Израелците беа во ропство пред Мојсеј. Четири века беше молкот од последниот старозаветен пророк до Христа.
- Мојсеј ја отфрлил власта на овој свет (да стане следниот фараон), Исус отфрли да стане цар. Мухамед ја прифатил овоземната власт и станал главен војсководец во Арабија.
- Мојсеј ја воспостави Пасхата. Исус СТАНА новата Пасха. Мухамед не.
1. Овде не се вели дека во Израел нема да се појави веќе таков пророк како Мојсеј, туку само дека до тогаш, веројатно до моментот кога е пишувана и завршена книгата Второзаконие, не се појавил пророк како Мојсеј.