Слепа вера
Според Urban Dictionary[1], слепата вера се случува кога некој ја полага својата вера во нешто без никаков доказ. Слепата вера е психолошки феномен кој кај личноста се одразува не само во поглед на неговите религиозни верувања, туку и во неговите идеолошки убедувања, политички убедувања, па и во секојдневниот живот во поглед на разни суеверија, верувања во теории на заговор, верување во разни гласини што се шират на фејсбук, твитер, низ комшиите, на улица и сл.
Слепата вера е подложна на манипулации, на суеверија, празноверија, бајачи, гатачи, уроци, црни бели магии, ова носи среќа, она носи несреќа, гледање на кафе, соништа, тарот карти итн. Слепата вера е игнорантна, не е отворена за различни мислења, кога и поставувате прашања мисли дека ја напаѓате, не ги ни дослушува прашањата, не анализира, нема самокритичност, во својот речник ги нема зборовите како „разум“, „логика“ и сл.
Примери за слепа верa
Пред некоја недела бевме сведоци како низ онлајн порталите се копи-пејстираше една вест дека Грчките медиуми известуваат за некое немо дете од Струмица кое го однеле во некој манастир пред иконата на Богородица и тоа проговорело. Си реков ајде да му направам една истрага на ова чудо. И што дознав:
1. Веста не била објавена на некои официјални грчки медиуми, туку на обично блогче[3] на Blogspot.mk. Да тоа е изворот на веста од каде што македонските портали ја преведоа на македонски, а бугарските на бугарски.
2. И така цел балкан дозна за немото дете од Струмица што проговорело, освен погодете кој? Струмичани 🙂 Струмичани ништо не знаат за ова дете. Во Струмица жена да се разведе за 2 саати ќе дознаат и во Радовиш, а овде имаме чудо на веков и Струмичани ништо не знаат. Зошто? Зарем детето или неговите родители се срамат што проговорело? Зарем го кријат во подрум? Или пак се уште глуми дека е немо пред пријателите?
Како и да е, веста се шеруваше по фејсбук, се лајкуваше, фрчеа типичните коментари: AMIN, amin, АМИН,.. базирани на слепа вера. Еве и друг уште потрагичен пример за слепа вера:
Во Индија имало една статуа која го претставувала Исус од која наводно течело вода од раните на Исус. Луѓето слепо верувале во тоа и оделе се поклонувале, ја бацувале статуата и ја пиеле „светата и чудотворна вода“.

Подоцна еден скептичен индиец, решил да го провери „чудото“. Се покажало дека водата до статуата всушност доаѓа од некој тоалет блиску до статуата.[2]Бљак.
И замислете сега црквата таму сака да го пикне во затвор затоа што ја објавил оваа вистина и ја навредил црквата 😮 Значи не само што не го признаваат ова фејк чудо, туку како во времето на инквизицијата сакаат да го осудат оној што го разобличил. Кутриот мислам дека сеуште е во бегство во Финска.
И како последен пример за слепа вера ќе ги спомнам луѓето што просат со избледени листови за операција на срце на мало дете. Донирајте, но пред тоа, не се гадете да го земете прљавиот и избледен „медицински документ“ и да прочитате што таму пишува. Проверете дали навистина тој документ е поврзан со скорешна операција за срце. Или пак се работи за некој рекламен материјал од болницата Филип 2ри или некој специјалистички упат од 2004 година. Ако е потребно и јавете се во клиниката или кај што треба. Бидете хумани и дарежливи, но не бидете наивни и со слепа вера. На светов му треба многу хуманост, милост и љубов, а има малку хумани луѓе и затоа тие треба разумно да ја фокусираат нивната хуманост и да не бидат подложни на емотивни манипулации.
Разумната вера, наспроти слепата вера
Наспроти слепата вера, добар пример за разумна вера е банката. Банката нема слепа вера кога ви доверува кредит и не верува слепо дека вие редовно ќе го исплаќате. Таа пред да ви даде кредит, прво ќе ви постави еден куп прашања, ќе провери каде работите, колку имот имате, дали имате редовни примања, колкави се вашите примања, дали редовно плаќате сметки итн. И нема да ви верува само на збор. Ќе бара официјални документи за се од наведеното и дури потоа ќе ве определи за кредитоспособен и ќе ви даде кредит.
На сличен начин треба и ние да се стремиме и поттикнуваме кон разумна вера, вера која поставува прашања, која има позитивен скептицизам, која не зема сè здраво за готово, која бара причини за да верува, вера која истражува, анализира, споредува, која е во согласност со разумот, логиката, со објективната наука итн.
1. http://www.urbandictionary.com/define.php?term=Blind%20Faith
2. http://www.bbc.com/news/magazine-26815298
3. http://agioritikesmnimes.blogspot.mk/2016/12/9444-18.html