Дали владетелите го измислиле христијанството за подобро да владеат со народот?
Прво, нема никаков историски или било каков доказ за ова тврдење. Второ, има повеќе докази за нелогичноста на ова тврдење.
1. Новиот завет е завршен 2 века пред христијанството да стане легална вера во Римската империја. Римјаните ги гонеле христијаните и лудост е да се мисли дека тие би им скроиле света книга за да им ја подржат верата, а во исто време војски праќале за да ги сотрат.
2. Во евангелијата Исус ги критикува религиозните водачи и со тоа поставува пример на бунтовништво спрема водачи. Исто така Исус одвојува верници од Јудеизмот и формира еден вид „секта“ што создава верска нетрпеливост спрема евреите и христијанизираните евреи. Ова исто така не е во полза на Римскиот мир (Pax Romana).
Кога би „кроеле“ света книга за религијата што ја создавате, дали таму би поставиле пример за водач кој поставува пример за бунтовност према водачите?
3. Во Библијата исто така е наведено како апостолите не им биле послушни на властите и дури и во една прилика им рекле: „Не е право да ве слушаме вас повеќе од Бог!“ (Дела 4:19)
Зарем некој што составил книга за подобро владеење со народот ќе вметне и ваков стих во неа?