Како лекуваат „исцелителите“?
Секоја болест, без разлика дали е акутна или хронична, излечива или терминална, следи одредена шема на развој.

Како што може да се види, речиси секогаш постојат периоди на влошување, подобрување или стагнација, кои наизменично се сменуваат, пред болеста да заврши – со излекување или со смрт. Или, во случај на хронична состојба – да остане горе-долу непроменета.
Логично е да се претпостави дека човек ќе побара помош од исцелител кога се наоѓа во фаза на влошување на болеста (означена со точка А). Во тој момент, постојат 3 можни исходи:

1. На човекот ќе му стане подобро, по што исцелителот ќе го прогласи „лечењето“ за успешно. Ако ова се случи навистина во моментот кога подобрувањето ќе доведе до оздравување – и болниот ќе биде убеден во исцелителските моќи на исцелителот, без разлика што претходно најверојатно примал и конвенционална медицинска терапија.
2. На човекот нема да му стане ниту подобро, ниту полошо – бидејќи се наоѓа во фазата на стагнација на болеста. Повторно, исцелителот и ова го прогласува за успех, бидејќи ете, болеста не се влошила – но на болниот му кажува дека ќе му бидат потребни уште „третмани“ за да се излекува.
3. На човекот ќе му стане полошо или можеби дури и ќе умре – во тој случај, вината е во болниот, а не во исцелителот – бидејќи немал доволно верба или имал некои гревови. Во секој случај, секој успех му се припишува на исцелителот, а за секој неуспех – крив е болниот!
Кога студентите по медицина учат за Плацебо ефектот (Placebo effect), прв и основен пример е лекувањето на главоболка. Еве статија за тоа од познатиот онлајн медицински сајт WebMD (кликни тука). Затоа и неслучајно скоро сите примери на излекувани од светци, исцелители, бајачи, гатачи, ТВ евангелисти и слично се примери со главоболки.
Еве неколку научни студии објавени преку националниот центар за биотехнологија (NCBI) во САД:
- Плацебо ефектот во третирањето на мигрената и другите главоболки
- Третирање на мигрената и плацебо ефектот
- Важноста на плацебото во истражувањето на главоболката
Плацебо ефектот е третирање со третман кој нема никаков ефект (на пример капсула полна со обична вода) и се дава на пациент на кој му се сугерира дека тоа е лек против неговата болест. Докажано е дека автосугестијата на плацебо ефектот делува кај главоболките (особено кај оние што без некоја посебна причина се појавуваат и си заминуваат), во зајакнување на имунитетот, психички расположенија и сл.
Плацебо ефектот не мора да е со помош на лажна капсула. Истиот може да се постигне и ако некого силно го убедите дека на пример со слушање на некоја посебна музика ќе му помине главата, доколку мириса некое миризливо стапче, со гледање во некоја слика, со некаква сеанса, масажа, медитација, допир или било што што ќе го убеди човекот дека тоа би имало некаков ефект.
Сепак, со плацебо ефект не можете да лечите сериозни болести. Доколку ве нападне некој вирус, плацебо ефектот нема да помогне се додека вашите антитела не го убијат вирусот во вашето тело (после неколку дена). Со плацебо ефект не можете да лечите рак, леукемија, со плацебо ефект не можете да забремените и сл.
Што вели Библијата за ова?
Библијата т.е. Исус и апостолите силно нè мотивираат да се молиме за болните. Но сепак, Бог има суверено право дали и колку ќе делува натприродно или секако преку медицинските терапии. Библијата никаде не гарантира дека ако верникот има силна вера и не се сомнева, дека исцелението сигурно ќе се случи. Ова небиблиско учење е познато како „евангелие на просперитет“. Проповедниците на ова учење велат дека болестите немаат право над христијанинот, дека Исус ги понел сите болести на крстот и дека во името на Исус може да се прокламира исцеление. Намерно се користи зборот „прокламирање“ (proclaim = објавува, прогласува), а не само молење, бидејќи учењето е дека битката со болеста е веќе добиена и само треба да се прогласи во вера и исцелението секако ќе се случи.
Ќе наведеме 3 примери од Новиот завет кои го разобличуваат ова погрешно учење:
- Ученикот на Павле, Тимотеј, имал здравствени проблеми со желудникот. Во 1 Тимотеј 5:23 Павле не му вели „допри се за стомакот и во името на Господ Исус Христос прими исцеление“, туку му вели: „Не пиј веќе само вода, туку земај по малку вино, заради твојот желудник и честите боледувања.“ Тоа била современа медицинска терапија, колку што знаеле медицина тогаш.
Дали Христовиот апостол Павле немал доволно вера за исцеление? Или можеби Тимотеј за чија вера Павле пишува многу пофални зборови, можеби тој немал доволно вера за исцеление? Секако дека не. - Апостол Павле не патувал на мисионерските патувања сам. Тој имал и придружници. Еден од нив, што ги придружувал во неговото трето мисионерско патување, бил Трофим. Павле во писмото до својот ученик Тимотеј вели дека го оставил Трофим болен во градот Милет (2 Тимотеј 4:20). Едноставно Трофим се разболел и така болен не можел да продолжи да го придружува Павле на мисиското патување. Нема сомнеж дека Павле се помолил за неговото здравје, но ете, Бог одлучил Трофим да остане болен и покрај тоа што навидум му бил потребен, особено затоа што многу од придружниците го оставиле Павле. Веројатно сите освен Лука. (1 Тимотеј 4:20-21) Дали Христовиот апостол Павле немал доволно вера за исцеление на Трофим? Или можеби Трофим немал вера? Секако дека не.
- Во 2 Коринтјаните 12:8 апостолот Павле, кого Бог го искористил многу повеќе од сите други Христови апостоли, апостолот кој е писател на половина од Новиот Завет, тој апостол вели дека три пати го молел Бог да му го отстрани „трнот во телото“ (кој што го нарекува сатанин ангел), но дека Бог не му одговорил позитивно на неговото барање.
Дали Христовиот апостол Павле немал доволно вера за исцеление? Дали денешниве современи исцелители имаат повеќе вера од Павле? Секако дека не.Можеби на ова некој ќе приговори дека апостол Павле немал дар на исцеление. Неточно. Бог преку Павле исцелил многу луѓе во подршка на ширењето на евангелието, пример: „И се случи Поплиевиот татко да лежи болен од треска и болки во желудникот. Павле влезе при него, се помоли, ги положи рацете на него и се исцели. По тој настан и други болни од островото доаѓаа и се исцелуваа.“ (Дела 28:8-9)
Како што гледаме од овие 3 примери од Новиот завет, христијаните, како и сите останати луѓе, па дури и Христовите апостоли, биле и ќе бидат подложни на болести во овие грешни и распадливи тела. Сепак сувереното право за натприродно излекување го има само Господ.