Исус

Пророкот Даниел ги претскажал годината и месецот на Исусовото распнување

Библискиот пророк Даниел живеел во 6ти век пред нашата ера, во времето кога Израелците биле под Вавилонското ропство. Една ноќ, додека се молел за избавување на Израелците, Господ му го дал следново видение:

„Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: ‘Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим’, па до Кнезот Помазаник* ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња. А по шеесет и две седмици Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе. Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето: свршетокот им е во пропаст, а до свршетокот војна и одредени запустувања.“ (Даниел 9:25-26)

* Овде е важно да се истакне дека еврејскиот збор за „Помазаник“ е Месија и дека Новиот завет јасно поучува дека Исус не направил никаков грев, но дека бил распнат како жртва за гревовите на луѓето.
Декретот за изградбата на Ерусалим му била дадена на Неемија од Персискиот цар Артаксеркс во еврејскиот месец Нисан во 20-тата година од неговото владеење. (Езра 2:1,8). Артаксеркс го започнува своето владеење во 465 г. пне.[1]. Оттука следи дека декретот бил даден во 445г. пне.
Даниел добил видение дека по 7+62 = 69 седмици кнезот Помазаник ќе биде погубен и тоа не за себе.
69-те седмици овде се однесуваат 69х7 години[2]. Тоа се 483 години. Секако ова се години според еврејскиот лунарен календар каде што годината има 360 денови. За да видиме колку години се тоа според модерниот Грегоријански календар, ќе ги претвориме во денови: 483 * 360 = 173,880 денови. И сега ако овие денови ги поделиме со 365.25 (денови во модерната година вклучувајќи ги и престапните во децималата), имаме: 173,880 / 365.25 = 476 години.
И сега ако од годината кога бил даден декретот за изградбата на Ерусалим (445г. пне.) додадеме 476 години, доаѓаме до 32 година[3] од нашата ера. Ова е времето кога Исус бил распнат, точно како што предвидел пророкот Даниел.

И месецот е предвиден!

За да биде пророштвото уште поимпресивно, претскажан е и месецот кога Исус ќе биде распнат – Нисан. Од каде знаеме? Не случајно во Езра 2:1 е потенцирано дека бил месецот Нисан кога царот Артаксеркс му го дал декретот на Неемија да го изгради Ерусалим. Нисан 445 г. пне. + 476 години = Нисан 32г. наша ера.
Во евангелијата јасно пишува дека Исус бил распнат 1 ден пред еврејскиот празник Пасха[4], кој се паѓа точно на 14-ти Нисан.

По погубувањето на Месијата, Ерусалим и Храмот ќе бидат разурнати

Пророштвото продолжува: „Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето: свршетокот им е во пропаст, а до свршетокот војна и одредени запустувања.“ (Даниел 9:26)

Ова пророштво се исполнува во 70та година од нашата ера. По едно неуспешно востание на евреите во 66та година, римјаните го нападнале Ерусалим со војска од 60.000 војници предводени од Веспазијан и неговиот син Тит и го срамниле до темел заедно со Храмот во него кој прво бил запален, а потоа срушен.[5]

Зарем не е импресивно колку детално се исполнило Месијанското пророштво што Бог му го дал на Даниел? Претскажано е точното време кога Исус бил погубен, претскажано е и дека нема да биде погубен заради Себе. Претскажано е дека потоа ќе следи уништување на Ерусалим и Храмот во него. И она што е уште поимпресивно е што 1 стих пред цитираното проророштво, Бог јасно кажува дека со доаѓањето на Исус ќе се стави печат на гревот, ќе се покрие безаконието, ќе се воведе вечна праведност и ќе се стави печат на привидот и на пророците.

„Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави печат на привидот и на пророците, за да се помаже Светиот над светите.“ (Даниел 9:24)

И ова навистина се случило. Исус е последната жртва која целосно ги отплатила и покрила човечките безаконија и вовела вечна праведност. Исус им ставил печат на пророците и после Исус Бог веќе не праќа пророци. Глаголот „помаже“ се однесува на Помазаникот (Месија на еврејски) и јасно е кажано дека Тој ќе биде Светиот над светите!

И за крај ќе завршиме со уште едно видение на пророкот Даниел и зборовите на Исус каде јасно вели дека ова се однесува за Него:

„Гледав во ноќни виденија: и ете на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот и Го доведоа кај Него. Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото Царство нема да пропадне. (Даниел 7:13-14)

„Првосвештеникот Го праша пак: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?” А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци.” (ев. Марко 14:62)


  1. https://en.wikipedia.org/wiki/Artaxerxes_I_of_Persia
  2. Заради идолопоклонството на Израелците Господ во Еремија 25:11 им прорекол дека ќе бидат окупирани од Вавилонците и таа казна ќе им биде 70 години. Бидејќи Израелците продолжиле со своето идолопоклонство во Вавилон, согласно заветот во Левит 26:18, Господ ги казнува со седум пати подолго ропство т.е. 7х70 години и затоа во Даниел 9:24 Господ вели: „Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот…“. Оттука е јасно дека во ова пророштво 1 седмица = 7 години.
  3. Аритметички -445 + 476 = 31. Но бидејќи не постои 0-та година т.е. помеѓу -1 година и 1 година нема две години, туку една, затоа треба да се додаде +1 година и затоа 31+1 = 32 година.
  4. Евангелие по Јован 19:14
  5. http://en.wikipedia.org/wiki/Siege_of_Jerusalem_%28AD_70%29