Ислам

Ќе ви го испратам Утешителот

Исламските апологети велат:
Во Новиот завет името Мухамед с.а.в.с. се спомнува во Евангелието по Јован 16:7. Таму ги наоѓаме Исусовите зборови упатени на неговите ученици: „ Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот (pаrаclеtos на грчки) нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам “.
Според исламските апологети, тука зборот “утешител“ е погрешно преведен со грчкиот збор “ paracletos“, а всушност на тоа место требало да биде зборот “periclytos“ – кој одговара на арапскиот збор „Ахмед“ или „Мухаммед“.

Ова е христијанскиот одговор:

1. Ова не е точно и претставува игра на зборови. Зборот Paracletos е сосема легитимен збор во коине-грчкиот јазик и значи: Утешител, Советник, Сопатник. Неговото буквално значење е некој што оди паралелно со тебе (за да те утешува, крепи). Зборот е кованица од зборовите “пара” и “клетос”. Тоа “пара” е истото она што се користи и кај зборот “паралелно”, пример: паралелно движење, паралелни насоки, паралелни прави.

2. Понатаму, зборот Paracletos се појавува 3 пати во евангелието по Јован (Јован 14:16, 15:26 и 16:7) и досега се најдени стотици манускрипти од ова евангелие, а не е најден ниту еден манускрипт каде на некое од овие места е погрешно препишан (како исламското: periclytos), а камо ли на сите три места да е направена грешка. Така што овој аргумент едноставно не држи вода.

3. Понатаму, кога Исус го спомнал “Утешителот”, Тој јасно нагласил дека тоа се однесува за Светиот Дух, а не за некаков подоцнежен пророк по име Мухамед:
“а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков. ” (Исус, ев. Јован 14:26, Библијата)

4. Понатаму, Исус кажал дека Утешителот ќе остане со нас довека, а Мухамед умрел во 632 година.
“И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека” (Исус, ев. Јован 14:16, Библијата)

5. Понатаму, Исус им кажал на учениците да не се оддалечуваат од Ерусалим и да го чекаат Светиот Дух кој ќе дојде не по многу денови.
“И додека беше заедно со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, „што го чувте од Мене”: Јован крштаваше во вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу денови!” ” (Исус, Дела 1:4-5, Библијата)

Што е поверојатно да заклучиме од овој стих: дека учениците чекале десетина дена во Ерусалим и дошол Светиот Дух? Или дека учениците чекале до 570 година (околу 197235 денови !!!) во Ерусалим и го дочекале Мухамед? Ајде размислете разумно и бидете искрени пред себе што е поверојатно да биде „не по многу денови“, десетина дена или околу 197235 денови?