Uncategorized

Не знам да читам

Исламски приговор:
„А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” – тој ќе одговори: „Не знам да читам.“ (Исаија 29:12)
Зарем не се овие зборовите на Мухаммед а.с кога за прв пат му се појави ангелот Габриел во пештерата Хира и му рече ” Читај “, а Мухаммед а.с одговараше : Не знам да читам.“

1. Зборот „Куран“ не значи книга, туку „рецитација“.

2. Тука не станува збор за пророштво туку за укор. Прочитајте го целото поглавје и ќе ви стане јасно. А еве го и стихот во неговиот контекст:

„Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” – тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.” А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” – тој ќе одговори: „Не знам да читам.” Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби, затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ – чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.” Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нè гледа и кој нè позна?” Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?”“
(Исаија 29:11-16, Библијата)

Значи Бог им зборува дека виденијата ќе им бидат како запечатена книга. Тој што ќе сака да ја прочита, не ќе може да ја чита, БЕЗ РАЗЛИКА дали знае да чита или не. Значи Бог ќе им испраќа виденија преку пророците, но народот нема да ги препознава тие виденија, зато што во времето на Исаија народот е длабоко навлезен во идолопоклонство, паганство и наместо Божјите заповеди тие следеле човечки преданија. Истото Исаија го потенцира и во Исаија 6:9 и Исаија 28:11. Заради тоа што Израелците обожавале мртви “богови” кои не можат да слушаат, ниту да гледаат, затоа Бог како да им вели: Штом обожавате такви “богови”, тогаш ќе станете како нив и ќе бидете глуви и слепи за Божјите објави.

Во целата книга на Исаија се проткајува таа порака кон Израел (евреите): Чуј Израиле, слушни го тоа што ти го вели Бог, бидејќи ако не слушаш, Бог ќе го сврти лицето Негово од тебе, покај се и врати се при Бог. Никаде нема ниту еден збор кој што асоцира на Мухамед или на Исламот. Приказната со Мухамед е сосем друга и ова не се применува на него.

3. И најпосле пророкот Исаија со право се нарекува „петтиот евангелист“, затоа што тој најмногу пророкува за Месијата (Исус), дека ќе биде роден од девица, ќе биде Емануел (Бог меѓу нас), ќе биде погубен заради гревовите на луѓето, а и дека ќе воскресне – и тоа ова пророштво е во неверојатни детали опишано (Исаија 53, Библијата). Од друга страна муслиманите велат дека Исус не бил распнат, дека Тој не го дал Својот живот за гревовите на луѓето, а со тоа и дека не воскреснал од мртвите. Значи Исаија е во тотална контрадикција со она што го зборел Мухамед, со Исламското верување. Оттука бесмислено е Мухамед да го надоврзуваме на Исаија нели?