Стариот завет го предвидел Исусовото раѓање
Стотици години пред Исус да се роди, старозаветните библиски пророци го предвиделе Исусовото раѓање, како и многу други детали од Исусовото делување, чуда, распнување, смрт и воскресение. Дури и да ги немаме евангелијата, само од пророчките списи може да се конструира едно резиме на Исусовиот живот, па дури и целта и значењето на Исусовото доаѓање на Земјата.
- Претскажано е дека ќе се роди во Витлеем ( 7 век пне)
„А ти Витлеему Ефратов, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња.” (Михеј 5:2, Библијата)

Витлеем е многу мало село во Јудеја. Тогаш било уште помало, затоа што денес е туристичко место заради Исусовото раѓање таму и затоа пророкот Михеј го нарекува најмалиот меѓу Јудините кнезови (градовите во Јудеја). Која е веројатноста да го погодите на среќа ова мало село како родно место на Месијата? За да биде пророштвото уште попрецизно, пророкот прецизира дека Владетелот ќе биде произлезе од Витлеем Ефратов. Што значи тоа Ефратов? Во Израел имало 2 села по името Витлеем. Едното е Витлеем Ефратов, според човекот Ефрат (тоа што е заокружено на мапата), а другиот е Витлеем Завулунов (според племето на Завулон) и се наоѓа малку под Ерусалим (види подвлечено на мапата). Пророкот прецизно предвидел во точно кој Витлеем ќе се роди Исус. Христовото и само Христовото потекло е од дамнини и од вечни времиња и затоа знаеме дека ова пророштво се однесува на Него.
Витлеем (на еврејски Бетлехем) значи „куќа на лебот“. Исус во евангелијата за себе вели „Јас сум лебот на животот…“ и „Јас сум лебот што слезе од небото..“. Лебото од Небото слегол и се вдомил во место наречено Куќа на Лебот – колку совршено го скроил тоа Бог зарем не?
- Претскажано е дека ќе се роди од девица ( 7 век пне)
„Затоа, Господ самиот ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел!“ (Исаија 7:14, Библијата)
Името „Емануел“ на еврејски (Еману-Ел) значи „Бог со нас“, „Бог меѓу нас“. Исус беше токму тоа, Бог кој се отелотвори и чекореше меѓу луѓето.
- Претскажано е дека ќе поттекнува од родот на Јуда ( 15 век пне)
“Нема да се оддалечат од Јуда; ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому му припаѓа, Кому ќе Му се покорат народите.” (Битие 49:10, Библијата)
- Патот ќе му биде подготвен од Јован Крстител ( 7 век пне)
“Глас вика: “Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.” (Исаија 40:3-5, Библијата)
Јован Кристител му го подготви патот на Исус на тој начин што првите ученици кои Исус ги доби беа од учениците на Јован. А и самиот Јован велел:
„Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: “Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: “Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот за Господа, направете ги прави Неговите патеки!”“ (ев. Матеј 3:1-3, Библијата)
- Тој ќе биде Божјиот Син, ќе биде светлина за народите, ќе дејствува во Галилеја, ќе го наследи Давидовиот престол.. ( 7 век пне)
„Во последното време Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан – незнабожечката Галилеја. Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина… Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека ќе го направи тоа приврзаната љубов на Господа над Воинствата.“ (Исаија 9:1-7, Библијата)
На следниов ЛИНК можете да прочитате уште 40тина пророштва за Исус.
Приговори од скептиците:
1. Ама зошто нема пророштво каде се пророкува под името „Исус“, дека ќе се вика Исус?
И што ако било претскажано името? Тоа ќе беше некој знак? Па секој ќе можеше да си го именува своето дете „Исус“ и со тоа да рече еве се исполни пророштвото, моето дете е пророкуваниот Месија. Не, туку многу подобри и поавтентични се пророштвата каде што се прорекуваат детали од Неговото раѓање, живот, дела, чуда, страдање, смрт и воскресение. Многу од тие детали Исус не можел да ги „сценира“ бидејќи не зависеле ниту од Него, ниту од Јосиф и Марија.
2. А како да бидеме сигурни дека пророштвата се напишани навистина во стариот завет, пред раѓањето на Исус и не се додадени подоцна?
Најкраток одогов е дека христијаните го превземаат стариот завет од евреите, а евреите немаат замерки кон стариот завет кој што го користат христијаните. Кога христијаните би додавале или менувале делови од стариот завет со цел да го прилагодат на нивните верувања или да додадат пророштва за Исус, први што ќе реагираа на тоа ќе беа евреите. Евреите имаат различни толкувања на овие прпрштва, но немаат замерки кон автентичноста на текстот.
Исто така пронајдени се старозаветни книги кои датираат пред нашата ера, пред да се роди Исус. Тоа се познатите Кумрански списи од Мртвото море кои датираат 1-3 век пред нашата ера.
http://www.deadseascrolls.org.il/learn-about-the-scrolls/discovery-sites?locale=en_US