Дали Богородица навистина зачнала натприродно?
Ако Бог не постои, се разбира дека не е можно жена да затрудне сама од себе, без учество на машки сперматозоид во нејзината јајце клетка. Но забележете една важна поента тука. Ако Бог не постои, тогаш не е само невозможно настанувањето на жива клетка во утробата на Марија, туку невозможно е и настанувањето на животот воопшто т.е. на настанувањето на првата жива клетка. Ако Бог не постои, и ако не може да „оживее“ јајце клетката која има огромен генетски материјал и еден куп веќе создадени биолошки машини во неа, тогаш уште помалку е можно да „оживеат“ некакви хемиски соединенија собрани на купче во некоја бара таму некаде. Со други зборови, ако не е можно да проработи сам од себе некој нецелосно конфигуриран компјутер, тогаш уште помалку е можно да настане компјутер од ветар кој дува во 2 штрафчиња, 3 жици и 5 камчиња. Атеистите се љубители на емпирискиот доказ, така што слободно посочете им да ви дадат емпириски (искуствен) доказ на живот што настанал сам од себе. Значи, гледано само од натуралистичка перспектива, животот сам од себе не може да настане ниту во утробата на некоја жена, ниту пак воопшто некаде.
Но, ако Бог постои, тоа е веќе сосема друга дискусија. Тоа ја менува целата перспектива на реалноста. Ако Бог ја создал целата вселена и сиот овој животински биодиверзитет на планетава, за Него е најмал проблем со Неговиот Свет Дух да создаде 23 машки хромозоми во утробата на блажената Марија. Значи, ако постои Бог, воопшто не е прашање дали Тој може да го направи тоа, туку единственото прашање е дали го направил тоа.
Сега ќе наведеме неколку разумни аргументи дека Бог тоа го направил т.е. дека Исус бил навистина натприродно зачнат во утробата на Марија.
- Библискиот пророк Исаија, кој живеел седум века пред да се роди Марија, претскажал десетици детали за Исус. Меѓу овие е и пророштвото дека девица ќе зачне натприродно и ќе роди син кој ќе биде „Бог меѓу нас“ (Исаија 7:14, Библијата). Марија, и да сакала, не можела да има удел во она што Исаија запишал 700 години пред нејзиното раѓање. Во Стариот завет има и пророштво дека Исус ќе се роди во Витлеем (Михеј 5:2, Библијата) – како што и се случило. Еве статија каде се наведени неколку старозаветни пророштва кои го најавиле Исусовото (девствено) раѓање.
. - Девственото раѓање на Исус не е единственото чудо на Исус, па за да би се сомневале во тоа. Исус направил многу чуда за кои биле сведоци не само христијаните и пријателите на Исус, туку и непријателите на Исус – како на пример еврејските религиозни водачи. Тие не ги негирале чудата на Исус, туку само, како Негови противници, им дале негативна интерпретација (пр. дека ги прави со помош на ѓаволот). На пример во Талмудот – кој претставува света книга за евреите кои го отфрлаат Исус за Месија, јасно пишува дека Исус правел чуда. (Санхедрин 43а, Ерусалимски Талмуд).
. - Евангелијата зрачат со искреност од страна на нивните писатели. 11 од 12-те апостоли загинале маченички поради нивната вера во божественоста на Исус, затоа што биле директни сведоци на настаните, на чудата, на воскресението. Тие немале причина, ни мотив, да лажат, ниту пак е разумно да се верува дека сите би дозволиле да загинат маченички за наводни лаги кои сами си ги креирале.
. - Доколку блажената Марија имала вонбрачен однос, прво не би можела да го излаже Јосиф со таков „креативен изговор“. А кога би морале заеднички да лажат за да не биде осудена како прељубница од надворешните, тогаш многу полесно би поминала лагата дека бебето е од нејзиниот сопруг Јосиф. Драстично е поголем ризикот да бидеш осудена како прељубница ако тврдиш наоколу дека бебето ти е од „Светиот Дух“, отколку од твојот сопруг.
. - Има добра теолошка причина зошто Исус требало да се роди од девица, со цел Бог Отецот да биде Негов директен Татко, без посредство на Јосиф. Исус е Божјиот Син, а Негов татко е Бог и само Бог, а не Јосиф. Исто така, зачнувањето од Светиот Дух ја истакнува Божјата одлука и промисла за отелотворувањето на Исус и не остава никаков простор за помислата дека Јосиф и Марија одлучиле да го „создадат“ Исус.
Со девственото отелотворување на Исус, без присуство на маж, Бог ја удостоил жената со голема чест, ја потврдил нејзината вредност која била често занемарена во тој патријархален систем. На сите кои верувате во Исус и Неговото девственото раѓање, ви го честитам Божиќ – денот кога се отелотвори Спасителот на светот.