Дали Библијата била менувана, сечена, лепена, монтирана?
Ова е еден од најчестите приговори против веродостојноста на Библијата. Често пати знае и да биде изговор за луѓето да не ја веруваат Библијата, особено кога им вели да променат некои работи во својот живот. И најчесто ова обвинување доаѓа во вид на чаршиски муабети, без никаков доказ или аргумент. Па да видиме дали е така…
1. Кој, кога и каде менувал?
Ова се незгодни прашања за секој што го дава ова обвинение против Библијата. Доколку некој навистина вршел навистина менување на библиските текстови, тогаш тука станува збор за големо злосторство врз Библијата и врз христијанството општо. И како и за секое злосторство, мора да приложите докази за тоа сериозно обвинување. Кој, кога и каде менувал?
Ако некој ви рече дека вашиот извод од матична книга на родените е менуван, дека всушност сте родени во Април, а не во Мај и тоа под друго име, никој од нас не би го прифатил тоа здраво за готово нели? Вие би побарале доказ: Кој, кога и каде го променил мојот извод? Покажи ми две различни автентични копии од мојот извод што се разликуваат, па да видиме дали станува збор за менување?
Епа слично е и со Библијата. За да докажеш дека Библијата е менувана, треба да понудиш доказ кој, кога и каде ја менувал Библијата. Или, во најмала рака, да приложиш евидентно различни копии на Библијата, пример една од 4ти век, друга од 9ти век и да речеш еве овие се различни, значи мора некој нешто да менувал тука.
Постојат на пример неколку додадени книги во стариот завет, поточно во Септуагинтата (грчки превод на стариот завет) и Вулгатата (латински превод на Библијата) ама тие се јасно класифицирани како дефтероканонски (второ-канонски). А што се однесува до стандардната Библијата (прото-канонските книги), таа си е иста кај сите сериозни преводи, денес, пред 200 години, во среден век, во раниот век, па и пред наша ера што се однесува до стариот завет.
Се разбира не се совршено идентични. Самиот превод го прави текстот чекор подалеку од оригиналот, има и некои мали варијации, печатни грешки, неколку спорни стихови, ама тие се занемарливо малку и не менуваат ниту едно суштинско учење од Библијата.
2. Невозможна мисија
Христијанските списи на Новиот завет се уште полесни за докажување на нивната веродостојност и непроменливост. Ниту едно античко дело не може да се спореди со брoјот на преживеани ракописи и нивната временска близина со оригиналите. Од Новиот завет се најдени околу 24.600 ракописи (5300 грчки, 10.000 латински, и најмалку 9.300 други рани преводи). Сите овие се најдени на три различни континенти (Европа, Азија, Африка). Мнозинството од нив датираат од 1ви па се до 4ти век – во времето кога црквата не ни била институционализирана и хиерархиски организирана. А дури и кога би била таква, теоретски е невозможно толку ракописи распространети низ 3 континенти ни да ги изброиш, а камо ли па да ги едитираш сите едновремено и усогласено и без тоа да биде забележано. Тоа е Mission Impossible – невозможна мисија. Немало тогаш фејсбук па да направи папата групна порака со сите црковни лица и да им каже променете таму и таму. А и да имало фејсбук, не биле сите овие 24,600 ракописи под контрола на Католичката црква. А и кога би успеала Католичката црква да ги промени сите на пример во 7ми век, во тој случај ракописите од 7ми век па натаму би се разликувале со оние ракописи кои датираат од 3-4 век. Но, не е така. Сума сумарум, тоа е невозможна мисија дури и за љубителите на теориите на заговор.
3. Независни линии на пренос
Гутенберговата печатница е направена во 15ти век. Сѐ до 15ти век луѓето рачно ги препишувале книгите што сакале да ги пренесат на следната генерација. Пример евреите имале една династија познати како „Масорети“ (чувари на традицијата) кои биле доста строги за одговорно и веродостојно препишување на старозаветните книги. Бидејќи биле платени за својата работа, тие ги броеле буквите во секој ред и уредно воделе статистика.[1] Па така ако направеле грешка, таа лесно ќе откриела во збирот на буквите. Потоа ги имаме Кумранските списи или познати како Свитоците од Мртвото море. Тие датираат од периодот помеѓу 3 век пред наша ера и 68 год. од наша ера и се производ на есените – кои биле посебен огранок во Јудеизмот. Зошто е ова важно? Епа тие си имале посебна и независна традиција на препишување и чување на библиските текстови. Со други зборови, не препишувале од фарисејскиот прото-масоретски текст, а со тоа и нема простор за „усогласување“ на текстовите. Истото важи и за Септуагинтата. Таа е грчки превод на старозаветните книги, направен во 3ти век пред наша ера, по порачка од Птоломеј 2ри за потребите на Александриската библиотека. Оваа линија на препишување е на грчки јазик и тотално независна од еврејските книги. Значи повторно немаме препишување и нема простор за „усогласување“ на текстовите. Покрај овие постојат и други независни линии на пренoс, како што е Самарјанската Тора – која што била напишана и препишувана на самарјански јазик (верзија на еврејскиот), со самарјанска азбука. Се разбира дека меѓу различни преводи и линии на пренос се акумулирале различни грешки и девијации, но тие се минорни и никоја од нив не менува некое значајно учење на Библијата. Текстуалните критичари се дури и вчудоневидени од неочекуваната речиси идентичност помеѓу Масоретскиот текст и Кумранските списи кои, иако припаѓаат на две различни линии на пренос и се раздалечени околу 1000 години, сепак имаат многу малку разлики.
4. Стариот и новиот завет си штитат грб

Сепак…
Со цел да бидам прецизен и објективен на темава, ќе истакнам дека имало и неколку намерни (со умисла) менувања на библиските текстови. Такво е на пример заменувањето на Божјото свето име со титулата „Господ“ (адонај на еврејски, кириос на грчки). Сепак таа промена била добронамерна и мотивирана од 3-тата Божја заповед со цел луѓето кога ќе ја читаат Библијата да не се случи да го изговорат напразно Божјото име. Слично биле користени заменски кратенки и за други свети имиња или титули, особено во христијанските грчки преводи на Библијата. Станува збор за зборовите: Бог, Господ, Исус, Христос, Син, Дух, Крст итн. Но, она што е важно да се нагласи овде е дека ваквите „промени“ во Библијата се очигледни, неутрални, неопасни, а во голем број случаи и лесни за поправање – слично како и ненамерните грешките што ги правеле препишувачите (правописни грешки, погрешен спелинг на странски имиња). Има уште неколку примери каде што во текстуалната анализа на ракописите може да се воочи промена од страна на препишувачот, најчесто со цел да ја појасни сиромашната граматика или контекстот на цитатот. Но таквите цитати се бројат на прсти и повторно станува збор за неутрални и невини промени кои можат многу лесно да се забележат со компаративна анализа на богатата колекција на ракописи. Интересно е тука да се забележи дека полесно ќе се детектираат 25 грешки во 5 преписи на еден текст, отколку 2 грешки во 2 преписи. Ако во 4 преписи пишува „Марија“, а во еден „Мариј“, многу лесно ќе увидите дека препишувачот голтнал една буква таму. Имајте предвид дека од новозаветните текстови имаме 24,600 ракописи. Тоа е неспоредливо огромна колекција достапна за лесно проникнување до оригиналните записи. Според текстуалните критичари усогласеноста на овие ракописи е 99.5%. Во просек тоа значи по 1 грешка на 200 букви. Последниве 4 реченици од параграфов имаат помалку од 200 букви и 1 намерно напрвена грешка. Дали ја примативте? Дали ви го промени значењето на текстот?
Заклучок
Она што е важно како заклучок да се истакне е дека:
- Библијата е боговдахновена, но Бог никаде не ветил непогрешливо препишување и преведување на Библијата.
- Оттаму постојат мали разлики во ракописите, но мнозинството од нив лесно се детектираат со помош на текстуален критицизам и компаративна анализа.
- Постојат неколку цитати чие значење е несигурно и во однос на кои теолозите и критичарите се со поделено мислење.
- НО не постои ниту една разлика која менува некое учење или доктрина во Библијата и е пречка да го направи читателот „мудар за спасение преку вера во Исус Христос“. (2 Тимотеј 3:15, Библијата)