А зошто баш Исус, а не другите религии?
1. Исус е историска личност
Исус е личност која што можеме да ја испитуваме и анализираме преку историските записи кои директно или индиректно сведочат за него. Другите богови како Алах, Кришна, Зевс, Амон Ра се фиктивни богови кои не можеме да ги ставиме на историски тест. Со други зборови не можеме објективно да го анализираме нивното постоење надвор од разумот или фантазијата на личноста која зборела за нив, а камо ли пак нивната божественост. Едноставно тие постојат само во кажувањата или пишувањата на оние кои збореле или пишувале за нив. Додека Исус лично дошол на Земјата во човечко тело, влегол во историјата на човештвото, чекорел меѓу луѓето и за него пишувале Неговите непосредни ученици, а го спомнале и видни римски и еврејски историчари од 1ви век како што се Тацит, Јосиф Флавиј, Плиниј Помладиот, Светониј, Целзо, потоа и во Талмудот, во пишувањата на Папиј и во многу други дела од 2ри век.
2. Исус ја докажал Својата божественост на неколку начини:
2.1. Со тоа што исполнил многу пророштва од стариот завет на Библијата напишани неколку стотини години пред Тој да се роди. Другите „свети книги“ (Куранот, ведите во хиндуизмот, пишувањата на Буда) воопшто не ни содржат пророштва. Не можат да си го дозволат таквиот луксуз бидејќи неисполнетото или лажното пророштво би значело користење на книгата за потпалок на огнот.
2.2. Со тоа што направил многу натприродни чуда какви што се очекува од Некој што има божествена природа. Ниту современите, ниту подоцнежните остри противници на Исус не ги негирале Неговите чуда. Никој не го обвинил Исус дека прави лажни чуда, трикчиња или сл. Исус велел дека чудата се Божја потврда дека Тој е Божјиот Син, а Неговите противници сакајќи да го негираат тоа, тврделе дека Исус ги прави чудата преку принцот на демоните – Белзебул (ѓаволот, буквално: „Господар на мувите“). Грчкиот писател Целзо (исто така остар противник на христијанството) кој што пишувал на почетокот од 2-от век, без да приложи некакви аргументи, тврдел дека Исус во раната младост бил во Египет и таму научил некои магии и демек со помош на овие магии ги правел чудата. Со ова Целзо сакал да ја дискредитира божественоста на Исус и да го прикаже како некој маѓепсник. Евреите, кои исто така биле и сѐ уште се големи противници на христијанството, во својата света книга „Талмудот“ потврдуваат дека Исус правел „магии“ (Санхедрин 43а). Секој разумен противник на Исус би ги негирал Неговите чуда, а не да им дава поинаква интерпретација. Еврејските религиозни водачи не биле наивни и лековерни луѓе. Тие биле паметни, итри, писмени и снаодливи за да стигнат до позиции на водство.
Од друга страна, еве да го земеме за пример Исламот. Во Куранот нема ниту едно исполнето пророштво, а Мухамед не направил никакво чудо. Сè што имате е една влијателна и моќна личност кој тврдел дека му се објавувал ангел и му го диктирал Куранот, без никакви сведоци. При тоа исламот се шири со војна и меч, а не со проповедање и презентирање некакви докази дека Мухамед е од бога испратен пророк.
Од друга страна, дури и во Куранот се спомнуваат некои од чудата на Исус, но не се спомнува ниту едно чудо што го извршил Мухамед. Од тоа, јасно следи дека Мухамед не можел да ги негира евидентнтие чуда на Исус во кои што многумина верувале, а од друга страна не можел ни да си припише на себе си чуда што не ги направил и за кои што би немал сведоци да ги потврдат. Исус на пример, го воскреснал 4 дена починатиот Лазар пред очите на цело село кое го оплакувало. Исус направил човек слеп од раѓање да прогледа. Значи не некој привремено заслепен трговец кој бил на поминување во Ерусалим (за кој би немало силни докази дека навистина бил слеп), туку Исус ги отворил очите на човек слеп од раѓање кој со години седел и просел пред најпрометното место (Храмот) во тогаш најпопуларниот град во Јудеја – Ерусалим и сите знаеле дека тој е слеп од раѓање. Немало простор за измама и режија. Чудата на Исус биле недвосмислени чуда и затоа многу луѓе поверувале во Него.
3. Исус воскерснал од мртвите.
Ниту еден од другите основачи на вери или „Божји пратеници“ се нема вратено од мртвите. Ниту еден од оние кои што објавувале некои свои апстрактни или трансцедентни богови не бил потврден со некое јавно објективно чудо, а камо ли па да бил воскреснат од мртвите. Гробот на Буда се знае каде е. Гробот на Мухамед исто. Итн.
Докази за Христовото воскресение има повеќе. После првиот Велигден започнало едно силно движење на христијани кои почнале од Ерусалим па полека кон целата Римска империја да проповедаат дека Христос воскреснал и дека го виделе жив. Евреите и римјаните ова движење воопшто не го сакале и со грдни маки се обидувале да го задушат, прогонувајќи ги христијаните. Некои биле спалени на клади, фрлени во арени и распарчени од лавови. Сепак, доколку Исус не воскреснал, римјаните можеле многу лесно да го сопрат ова „еретичко движење“. Сè што требало да направат еврејските религиозни водачи или римјаните е да го земат Христовото тело, да го стават на еден коњ и да го прошетаат низ улиците во Ерусалим. Христијаните ќе го виделе, ќе се разочарале и ќе си отиделе засрамени по домовите. Можеби пред тоа некои би отишле да плукнат на Христовиот гроб затоа што биле мамени неколку години од тој „лажен Месија“. Христовото тело очигледно го немало.
Можеби некој ќе рече: „Епа ок де, христијаните го украле Христовото тело и го сокриле некаде и затоа Римјаните не можеле да го најдат.“
Но и оваа теорија на заговор е на климави нозе. Тука се поставува прашањето: Кој би умрел за лага? Дали ти би се осмелил прво да го ризикуваш животот за таква измама, а потоа самиот да се убедиш во сопствената лага дека Исус воскреснал и да ја проповедаш таа лага до смрт? Па дури и луд човек кога ќе почне да му гори огнот под нозе ќе почне да вреска: абе се шалев, не го видов Исус воскерснат, јас го земав Христовото тело и го сокрив позади шталата.
И не бил само еден што тврдел дека го видел Исус воскреснат туку тоа биле стотици луѓе за кои Павле (некогашниот прогонител на христијаните и очевидец на воскреснатиот Исус) тврдел дека околу 500 луѓе го виделе Исус воскреснат и многу од нив биле живи во времето кога тој го пишувал тоа. Значи Павле со други зборови им вели: „Еве, ако не ми верувате, прашајте ги нив. Ова не се случи во некоја штала или во некој скриен агол, туку е нешто јавно и видено од стотина луѓе достапни за скептиците.“
Многу луѓе, инспирирани од теориите на заговор или научно фантастичните филмови, измислуваат разни теории што алтернативно би можело да му се случи на Христовото тело. Тоа е така бидејќи тие тргнуваат од премисата дека воскреснување по дифолт не е возможно и дека мора да постои „реално“, небожествено (бидејќи не веруваат во Бог), лукаво објаснување за таа случка. Сепак кога ќе се земат предвид мотивите било на пријателите или непријателите на Исус, ниедна од овие теории не држи вода. Ниедна теорија не може да објасни како тоа стотици евреи (лојални на Јудеизмот) за кратко време се „мрднуваат со умот“ и наспроти крвавите прогонства од нивните сонародници (евреите) и окупаторите (римјаните) почнуваат да велат дека го виделе Исус воскреснат, меѓу кои бил и угледниот Павле. Евреи кои до вчера би каменувале некого до смрт ако се наречел „бог“, сега се спремни да умрат заради својата вера дека Исус е Бог.
4. Исус реално го објавува Бог како грижлив и засегнат Создател на луѓето.
Човештвото реално има проблеми – злото во нас, гревот, убивање, уништување, болести и смрт. Ако утре нашето дете падне во дупка, ние нема одозгора да му солиме памет, нема да му кажуваме филозофии, нема да му покажуваме како да медитира и со свеста тоа психички да се издигне над таа дупка. Нема ни да му фрлиме сет заповеди и правила како да не паѓа во дупка. Нема ни да му мафтаме со камшикот одозгора и да му се закануваме што ќе следи ако утре пак падне во дупка итн. Секој разумен и совесен родител, прво ќе се симне во дупката, ќе го/ја земе детето, ќе го извади од таму, ќе му ги исцели раните и потоа со љубов ќе го советува како да се движи без да падне пак во дупка.
Извинете што пак ќе го спомнам Исламот за пример, но таму бог има 99 имиња, но ниедно од нив не е „татко“. Бог е далечен, дистанциран од луѓето, а тие се наречени буквално негови робови. Епа Исус ни го објави Бог како „Татко небесен“. Бог преку Исус дојде меѓу своите деца да ги извади од дупката на гревот. Скоро во сите религии луѓето му жртвуваат жртви на Бог. Во христијанството Бог се жртвуваше за луѓето. Бог преку Исус ја покажа најголемата љубов кон човештвото што Тој се жртвуваше за луѓето да се спасат од гревовите и вечната смрт. Тука веќе има нешто поинакво. Такво нешто се очекува од Бог кој е Создател на луѓето (наш небесен Татко). Ако земните родители се спремни животот да го дадат за своето дете затоа што неизмерно ги сакаат, колку повеќе се очекува од Бог кој е Авторот на љубовта да го направи истото? Епа Исус го направи токму тоа – се жртвуваше за нашите гревови на крстот, за да не мора ние да поминеме низ тоа на Судниот ден. Другите вистини погоре го допираат нашиот интелект, разум и логика, но оваа вистина го допира срцето и гласно му вели: „Да, тоа е вистинскиот Бог.“