Uncategorized

Во што веруваат атеистите?

Постои едно лаичко мислење дека атеистите не веруваат во ништо. Тоа е погрешно. Тоа што некој не верува во Бог, не значи дека не верува и во други работи. Уште повеќе, со самото тоа што некој не верува во Бог, автоматски е принуден да верува во други работи – кои неопходно следат од неверувањето во Бог. На пример…

Атеизмот е вера во натурализмот. Поради тоа што атеистите априори го исклучуваат постоењето на Бог, тие се принудени да веруваат во сите натуралистички хипотези за постанокот на Универзумот и животот. Па така атеистите веруваат дека целиот овој Универзум (со целиот негов дизајн и комплексност) настанал… случајно. Едно време веруваа дека тој не настанал т.е. дека си постоел отсекогаш. Но потоа излезе теоријата Big Bang која вели дека морал да има почеток, така што денешното популарно гледиште е дека Универзумот е стар 13.7 милијарди години. Некои атеисти веруваат дека пред Big Bang постоел и друг универзум. Некои веруваат во паралелни универзуми. Сеедно, ништо од тоа не е научно докажано и е во доменот на верата и научната фантастика, а овде само би го потенцирале зборот „веруваат“ кој намерно во оваа статија за да се потенцира неговото значење и да се разобличи лаичката премиса дека тие не веруваат во ништо.

Понатаму атеистите веруваат во абиогенеза – хипотеза дека животот настанал исто така со самоорганизирање на слепите хемиски соединенија водени од слепите сили на природата – иако тоа не било покажано со ниту еден единствен експеримент во науката, откако постои науката! Доколку почнете да истражувате и да пресметувате колкава е веројатноста (т.е. неверојатноста) за случајно комбинирање на постоечки амино киселини со цел да се создаде еден ензим, протеин или пак од нуклеинските киселини да настане ДНК молекула, ќе видите дека веројатноста е милијарди милијарди помала од таа слеп човек да погоди непозната атом кој што се наоѓа на ивицата од Универзумот. Сепак атеистите фанатично веруваат во таа неверојатна веројатност. Зошто? Аатоа што мораат да веруваат во тоа, бидејќи Бог нели априори не постои и според натуралистичкиот светоглед тоа морало да настане случајно.

Некои атеисти, соочени со овој факт, за да не бидат сметани за „фанатични верници во неверојатноста“, пробуваат да ја заобиколат неа, верувајќи во панспермија – верување дека животот бил донесен од некоја друга планета или од некоја друга галаксија. Но ова не го решава проблемот со неверојатноста, туку само го премостува на друго место. Тука се поставува прашање: Ако на Земјата животот бил донесен од планетата X, тогаш како настанал животот таму? И таму морал некако да настане нели? Ако и таму бил донесен од некоја трета планета Y, како пак настанал таму? Животот морал некаде некако да настане или да биде создаден. Не можете од тоа да изебгате. Веројатноста никаде нема да биде на страната на натурализмот.

Понатаму атеистите веруваат дека моралот кај човекот е општествена конструкција и дека е релативен. Со други зборови не постои апсолутен морал, не постои апсолутно „не убивај“, „не кради“, „не силувај“ итн, туку ние луѓето сме се договориле дека тоа е „лошо“ за општа полза. Тие мораат така да веруваат, бидејќи ако веруваат во апсолутен морал, тогаш тоа подразбира и Некој што го дефинирал моралот, некој што рекол дека не е ок да се убива, да се повредува, да се изневерува, да се краде итн. Јаглеродот, азотот, кислородот, водата, молекулите, атомите, не го велат тоа. Тие немаат свест, ни морал, ни емоции, ни ништо.

Атеистите веруваат дека и „доброто“ и „злото“ се општествени човечки измеслени категории. Со други зборови, не постои апсолутно добро или зло. Смртта и убиството се само дел од природната селекција, дел од животинскиот синџир. Силувачот и педофилот си делуваат согласно своите нагони и се што прават е прекршување на човечко поставените норми во општеството. Со други зборови луѓето се тие кои ја нарекле педофилијата лоша, а хуманизмот добар. Во друга цивилизација на друга планета, може комплетно тоа да биде и обратно. Од атеистичка перспектива, релативи-стите немаат никаква стабилна основа да кажат дека она што Хитлер го направил е апсолутно зло. Според нацистичкиот вредносен систем на Хитлер и неговите истомисленици, создавањето на ариевската раса, геноцидот на евреите и истребувањето на одредени нации и подгрупи на луѓе се сметало за „добро“, за доблесно делување, за нешто што го води човештвото кон прогресивен развој.


Атеистите веруваат дека љубовта, радоста, тагата итн. се само хемиски реакции во мозокот. Одредени јаглеродни атоми разменуваат електрони со водорот или кислород и вие чувствувате љубов. Толку. Нема духовни категории. Се е материја, енергија. Солзите се само солена вода плус некои соединенија, продукт на хемиски реакции предизвикани од некакви си таканаречени “емоции” итн.

Некои атеисти тврдат дека веруваат само во она што е „научно докажано“. Ова е само-противречно тврдење, бидејќи таа изјава не е научно докажана. Едноставно побарајте им научен доказ за таквата изјава и уживајте. Од друга страна, научниот метод има ограничена моќ и опсег на докажување. Тој не може да одговори на суштинските прашања што си ги поставува секој човек (кој е мојот идентитет, зошто постојам, која е смислата на животот, дали постои духовен свет, дали јас имам дух кој ќе продолжи да постои по смртта на телото). Така што за овие прашања, и теистите и атеистите и агностиците… – веруваат.

Понатаму, атеистите веруваат дека свеста и нашето размислување се исто така само од материјалистичка природа, хемиски реакции во мозокот на кои што ние не можеме да влијаеме, туку истите се подлежат на природните причинско-последични закони. Така што, според атеистите, ти само си мислиш дека твојата свест реално постои и ти само си мислиш дека „размислуваш со своја глава“, но всушност додека го читаш ова, во твојот мозок се создаваат некакви водородни и ковалентни врски помеѓу водородот, азотот, јаглеродот итн. и тие прават ти да се согласуваш или не се согласуваш со ова, да ти е смешно, или пак да ти е језиво ова.

Повеќето атеисти веруваат и дека смртта е апсолутен крај за човекот, дека со смртта завршува нашето постоење, нашата свест исчезнува, престануваме да постоиме.

Мнозинството атеисти исто така не веруваат во постоење на машко и женско, туку веруваат во постоење на стотина флуидни ткн. „родови идентитети“ и десетици сексуални ориентации. Ова се верувањата на популарната ЛГБТИ идеологија – во која најмногу веруваат атеистите. Зошто баш атеистите најмногу? Епа, доколку веруваш дека Некој интелигентен Создател, плански и промислено го создал мажот да биде маж, а жената – жена, тогаш нормално е да не веруваш во ЛГБТИ идеологијата. Но доколку не веруваш дека си планска и интелигентна креација, тогаш се во тебе е случајно, неплански и бесцелно, па затоа и ќе веруваш дека твоите органи и твојот род се она што ти ќе си одлучиш да бидат.

Секако, атеизмот не е систематизирана и формална организирана религија и немаат заеднички систематизиран канон на доктрини и верувања, но сепак како што видовме погоре има одредени заеднички верувања – кои едноставно автоматски произлегуваат од неверувањето во Бог. Секако дека секој атеист си има и свои индивидуални верувања, претпоставки, сомнежи итн. Но истото важи и за теистите. И тие не се согласуваат во се со другите теисти и секој теист си има свои индивидуални верувања.