Парадоксот на Епикур
Знам дека ви е смешно името, ама фокусирајте се на содржината.
Оваа e популарната логичка грешка на Епикур – Atheism of gaps или атеизам од празнини во знаењето, атеизам извлечен од прашалниците, од непознатото, од магловитото. Тој не знаејќи зошто постои зло во светот и зошто Бог не го елиминира веднаш, извлекува заклучоци за Бог дека не е семоќен, дека е лош итн. Ова му делува слично како порано кога луѓето се чуделе зошто „паѓаат ѕвездите“ па си претпоставувале можни причини:
1. Веројатно не се добро залепени на небесниот свод
2. Тоа се светулки кои умираат и паѓаат
3. Тие се поврзани со луѓето. Кога некој човек умира, неговата ѕвезда паѓа.
Гледате, тие не знаеле за метеори, ниту за нивното согорување во атмосферата и затоа од незнаењето претпоставувале нешто од овие погоре.
Или пак друг пример: Мало дете седи во амбуланта, чека да добие инекција и си вели: Да постоеше мајка, немаше јас да го трпам ова мачење. Изгледа оваа жена не ми е мајка. Или пак мојата мајка е лоша и сака да ме мачи. Не е точно дека јас морам да добијам игла во газето! Ете она детето пред мене не го боцкаа, значи не мора, ама мене ме мачат садистички!
Во логиката заклучоците се извлекуваат на следниов начин:
Ако p тогаш q
Но она што Епикур го направил е следново:
Ако ? тогаш q
Ова е логичка недоследност. Од прашалници не се извлекуваат заклучоци. Тоа што ние во моментот можеби не ја знаеме целосно причината зошто Бог допушта зло и не интервенира веднаш, тоа не значи дека треба да избрзуваме со заклучок и од нашето незнаење да тврдиме дека Бог не постои. Тогаш би биле слични како примитивните антички пагани кои не знаејќи која е причината за громот си измислувале бог на грмотевиците за да им ја пополни празнината во знаењето. На сличен начин некој може и немањето одговор на ова и слични прашања да го пополни со атеизам и да рече „е тоа е така затоа што нема Бог“. Значи како што има „богови“ кои пополнувале празнини во знаењето (God of gaps), така има и атеисти кои ги пополнуваат дупките во знаењето со атеизам (Atheism of gaps). Ни едното ни другото не е добро. Ние треба да извлекуваме заклучоци од тоа што го знаеме, од откриените факти за реалноста, а не од она што не го знаеме, од непознатото или од прашалниците.
Злото не е некоја црна прашина по улиците што Бог треба да ја зачисти. Злото е во нас луѓето. Ние сме злото. Библијата јасно говори дека нема безгрешен човек. Исус рекол: „Никој не е добар, освен единиот Бог“ (ев. Лука 18:19) Рускиот писател и нобеловец Александар Созеницин рекол дека „линијата што го раздвојува доброто од злото не поминува низ држави, класи, ниту политички партии, туку низ секое човечко срце“. Ако Бог денес одлучи да го уништи сето зло, колку од нас ќе останат живи? Некои мислат дека Бог треба да ги уништи само оние како Хитлер, Сталин, некои сериски убијци или педофили. Тоа што ќе посочиме некои, условно кажано, „полоши“ луѓе од нас, тоа не нѐ прави нас подобри воопшто. Во нашата околина можеби постојат луѓе кои кога би имале половина од власта и моќта на Хитлер, би убиле двојно повеќе од него.
Но Библијата вели дека Бог не ја сака смртта на грешниците, туку сака тие да се покајат од злото и гревовите и на тој начин да се спасат од вечната смрт. Можеби ќе звучи малку чудно, но главната причина зошто Бог не го уништува злото веднаш е токму љубовта кон човештвото. Затоа и Божјиот Син – Исус дојде во овој свет меѓу грешните и зли луѓе и доброволно вкуси голем дел од страдањето, со цел да нѐ спаси нас и да постави основа на која ќе може да го уништи злото, а сепак да го помилува злиот грешник (јас и ти) кој ќе се покае од гревовите и ќе го прифати Божјото спасение преку Исус.
И за крај да се навратиме на прашањето на Епикур. Да Бог ќе го уништи злото и ќе стави крај на страдањето, но во Божјо време и на Божји начин. Не ги знаеме сите причини зошто тоа не е СЕГА и ВЕДНАШ, освен таа причина што ни е откриена во Свеото Писмо – Божјата љубов кон грешниот човек.