Uncategorized

Атеизам на празнините

Во антички времиња, примитивните луѓе не знаејќи ли не можејќи да си ги објаснат некои природни појави, празнините во знаењето ги пополнувале со „бог“. Така на пример, се чуделе како Сонцето гори, но никако да догори како што догорувал и огнот што го палеле навечер. И си велеле: „Ова на небото свети и топли исто како огнот, значи е оган. Ама не знаеме зошто не догорува. Тогаш мора да е некој бог што му дава енергија. И така тоа незнаење го пополнувале со „Бог на Сонцето“ (Амон Ра). Не знаеле како се појавува грмотевицата, па таа празнина ја пополниле со „Бог на грмотевиците“ (Перун). Не знаеле зошто се случуваат земјотресите, па си верувале дека некој Бог ја тресе земјата итн. И така си создавале она што денес го викаме „Бог на празнини“ (God of gaps).

Слични логички грешки прават денес и атеистите кога не знаејќи или не можејќи да си ги објаснат некои теолошки прашања, празнините во знаењето ги пополнуваат со „атеизам“. На пример велат: „Ако постои Бог, тогаш од каде злото? Зошто Бог не го уништи злото и страдањето? Зошто Бог го создал ова овака, а не онака? Зошто Бог вака делувал во оваа ситуација или зошто во онаа ситуација не делувал воопшто? Ете, значи Бог не постои!“. Значи овде имаме атеист што не знае од каде е злото и страдањето и зошто Бог не го прекинува веднаш и од тоа незнаење (научна/теолошка празнина) тој извлекува заклучок.
Значи како што има верници кои пополнуваат празнини во знаењето со богови (God of gaps), така има и атеисти кои ги пополнуваат дупките во знаењето со атеизам (Atheism of gaps). Ни едното ни другото не е добро. Ние треба да извлекуваме заклучоци од тоа што го знаеме, од откриените факти за реалноста, а не од она што не го знаеме, од непознатото, од магловитото или од прашалниците.