Uncategorized

Дали Богородица навистина воскреснала?

Денес во Македонија православните го прославуваат празникот „Успение на пресвета Богородица“. Според усното предание (житието), се верува дека Богородица, 3 дена по смртта, воскреснала и слично како Исус телесно се вознела на небото пред очите на сите апостоли. Според житието, Богородица пред смртта ги повикала апостолите и тие натприродно летале на облаците и така пристигнале во Ерусалим да се поздрават со неа.
Настрана религиозните чувства, овој сајт има за цел да ги изложува фактите и да даде што е можно пообјективен осврт на нив, а секако дека секој има слобода да ги прифати, отфрли, или различно да ги толкува и расудува. Имаме неколку причини зошто да сме скептични во веродостојноста на овој настан.

1. Ние дознаваме за историјата од тоа што луѓето напишале, но и од тоа што не напишале, а се очекувало да напишат. Никој од апостолите во Новиот завет не спомнува ништо во врска со смртта, воскресението и вознесението на Богородица. Апостолот Јован кој се грижел за Богородица по Исусовата смрт е писател на 5 книги од Новиот завет и живеел најдого од сите апостоли (до 90-100 година), но никаде не го спомнува овој настан! Јован покрај Христовото воскресение го спомнува и воскресението на Лазар (ев. Јован 11, Библијата), но ништо за наводното воскресение на блажената Марија. Апостол Павле е писател на 12 книги од Новиот завет и на долго и широко пишува за воскресението од мртвите, сепак не спомнува никакво воскреснување на Богородица. Според житието нејзино, наводно сите апсотоли летале на облаци до Ерусалим за да се поздрават со неа пред да умре и потоа сите биле сведоци на нејзиното воскресение. Сепак никој, во ниту една од 27те книги на Новиот Завет, ништо не спомнал за овој спектакуларен настан!

Се разбира дека не може се да се запише од она што се случило во историјата, ама има некои работи кои едноставно не можат да се премолчат и се повеќе од очекувани да се спомнат. Ќе дадеме една илустрација:
Замисли си дека си метеоролог кој пишува неколку статии за метеорот што падна во Русија на 15ти Февруари 2013.

Пишуваш една статија првата година. Пишуваш нова статија за метеорот после 2 години, па уште една по 10 години, па пак уште една статија по 15 години. И другите твои колеги метеоролози паралелно пишуваат статии за овој метеор во период од 30 години, ги опишуваат искуствата на очевидците на овој несекојдневен настан.
И после 500 години се јавува некој метеоролог кој вика дека во Русија на 20ти Февруари 2013 (само 5 дена покасно) паднал уште еден метеор, на истото место и тоа пред очите на гореспомнатите метеоролози! Ама ете од непознати причини тие метеоролози не спомнале ништо за тој метеор. Ќе му веруваш ли на овој метеоролог? Епа иста е приказната за „воскресението на Богородица“.

2. Христијанството има богата ранохристијанска литература. Сепак никој од христијаните (црковните отци) до 5-ти век не спомнува ништо за оваа случка исто така. Ниту ученикот на апостол Јован – Поликарп, ниту пак неговиот ученик – Иринеј, ниту неговиот ученик – Иполит итн. Никој од црковните отци од 1-5 век не спомнува ништо за смртта, воскресението и вознесението на Богородица. Историски и библиографски гледано, оваа легенда настанува многу подоцна.

3.
Епископот Епифаниј од Саламис во 377 година напишал дека никој не знае како завршила Марија. (Epiphanius, Panarion, Haer. 78.10–11, 23)

4.
Првите извори за оваа случка доаѓаат од апокрифни текстови како: De Obitu S. Dominae (текст од 6ти век) и De Transitu Virginis – текст кој датира од крајот на 5ти век, но авторот сакал да му го препише на Мелито од Сардис (2 век). Папата Геласиус издал декрет со кој го осудил текстот De Transitu Viginis како еретички текст. Католичката Црква ја утврдила оваа догма со декретот на папата Пио XII дури на 1 Ноември 1950 година, декрет познат како „Munificentissimus Deus“.

5.
Доколку го погледнето внимателно житието нејзино, ќе забележите многу сличности на таа приказна со Исусовата смрт, воскресение и вознесение:
– Како што Исус ги повика учениците пред Неговата смрт, така и Богородица ги повикува.
– Како што апостолите го најдоа само платното во гробот, така е и со приказната за Богородица.
– Како што Исус воскресна после 3 дена, така и Богородица.
– Како што Исус се вознесе, така и Богородица.
– Како што Исус рече: ќе бидам со вас во сите дни, така и Богородица.

Нешто во разумот силно ми вели дека оваа приказна е плагијат од приказната со Исус со мали модификации. Нека ми прости Господ ако грешам, но сигурен сум дека Бог не се лути кога го употребуваме нашиот здрав разум во истражувањето на вистината на верата и вистинското почитување на Исус, блажената Марија и сите останати Божји луѓе. Како на едуцирани луѓе од 21 век не ни доликува слепо да следиме историски неиздржани традиции. Христијанската вистина нема потреба од пумпање, шминкање, плагијатизирање, или пак ставање други луѓе на исто рамниште како Господ Исус Христос.