Мудреците во Божиќната приказна
(Приказнава е базирана на Библиските записи, со извесни субјективни претпоставки за да се постигне филмско дејство. Она што е сигурно од Библијата е означено со соодветни референци, другото е фантазија.)

Беше тоа многу одамна, одамна пред многу векови. Зимска ноќ во градот Витлеем, градот заспан и заборавен, тонеше во длабок мрачен сон. Малку подалеку од Витлеем, источно, во пределите на древниот Вавилон, денешен Ирак, во една голема куќа, група мудреци беа надвиснати над еврејските свети списи и задлабочено и ревносно ги истражуваа. Во тоа време, разликата меѓу научник, астроном, хемичар, алхемичар, ѕвездар, волшебник меѓу луѓето била мала. Сите тие биле познати како учени луѓе што барателе со книгите, што претварале една течност во друга, што знаеле да пресметаат нешто. Со еден збор ги нарекувале „маги“. Оттаму и зборот „маѓеоничар“. Тоа не беа евреи по крв, туку вавилонци чии прадедовци во времето на пророкот Даниел ја примиле библиската вера и исто така ги сметале за свети еврејските книги. Имено, тоа време царот Навуходоносор сонувал некој страшен сон и ги повикал Вавилонските мудреци да му го протолкуваат сонот. Но бидејќи никој не можел, Навуходоносор заповедал да бидат убиени сите мудреци. И тогаш се јавил еден посебен мудрец (Божјиот пророк Даниел) кој го протолкувал сонот и на тој начин ги спасил останатите мудреци од погибел. (Книга на пророк Даниел 2 поглавје, Библијата). Потоа Навуходоносор го поставил Даниел за старешина на сите Вавилонски мудреци, а мнозинството со задоволство го почитувале Даниел бидејќи тој им ги спасил животите. И затоа некои од нив поверувале во библискиот Бог (во кој што верувал Даниел), а книгата на Даниел им станала омилената света книга, покрај Тората (Мојсеевите книги) и уште неколку од еврејските свети книги. И така овие мудреци тогаш беа посебно загрижени и љубопитни околу следново пророштво кое Бог му го дал на пророкот Даниел:

„Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави печат на привидот и на пророците, за да се помаже Светиот над светите. Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: „Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим па до Кнезот Месија (Помазаник) ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња. А по шеесет и две седмици Месијата ќе биде погубен, но не за себе….“ (Даниел 9:24-26, Библијата)
Мудреците калкулираа со еден куп бројки и години и математиката на пророштвото недвосмислено им кажуваше дека Кнезот Месија, Светиот над светите, треба да се роди во нивно време, во секој момент. Знаеа дека седмиците претставуваат седум години. Од книгата на пророкот Неемија знаеа дека наредбата за повторното изградување на ѕидовите на Ерусалим излегла „во дваесеттата година на цар Артаксеркс“ (Неемија 2:1, 5-8, Библијата). Но, заради проблемот со непрецизноста на календарите и извесни нејаснотии со пророштвото, мака мачеа да ја пресметаат точната година. Еден велеше: „Рано е, треба да почекаме уште некоја година“, друг убедливо велеше: „следната година ќе се роди“, трет: „Веќе се родил“ итн.

Околу полноќ, еден од мудреците излезе надвор да се моли. Молејќи се, на небото забележа една ѕвезда како се поместува. Согласно неговото тогашно астрономско познавање, тоа беше ѕвезда, а за нас веројатно би била комета или некое друго небесно тело. Гледајќи ја оваа „ѕвезда“ која светеше со посебен сјај и полека се поместуваше кон запад (Јудеа), одеднаш во глава му прелета мислата за едно пророштво од Тората и се затрча кон куќата. Влезе толку бучно, фокусиран кон Тората и не ни примети дека ги разбуди своите браќа. Ја грабна Тората и ги превртуваше листовите со нетрпение да го пронајде пророштвото што му беше „на врв на јазик“. Еден од мудреците му рече: „Да не си скренал со умот што во оваа доба се растрча по куќава и под свеќа ја читаш Тората?“. А овој потскокнувајќи од радост му одговори: „Еве го, еве го, го најдов, ѕвездата што излегува од Јаков, еве го, го најдов, се исполни времето!“. Бидејќи од возбуда не можеше да ја контролира јачината на својот глас, ги разбуди и другите мудреци и сите се собраа околу него велејќи му: „Да не си претерал со вино? Каква ѕвезда ти се увртела во умот, остави не да спиеме..“ А возбудениот мудрец запали поголем свеќник и ги собра сите околу Тората и почна да им го чита оној дел каде што царот Валак го убедува пророкот Валаам да ги проколне евреите кои во тој момент му претставувале закана заради нивната многубројност. Три пати Валаам се обидел да изрече проклетство за евреите, но три пати од неговата уста излегувало благослов под заповед на Бог. Тогаш Валак разочаран од Валаам му рекол да си оди, но Валаам му го изговорил и четвртото пророштво, најголемиот благослов за Израелците:
„Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед, пророштво на оној, кој ги слуша Господовите зборови. Кој ја познава мудроста на Сèвишниот, кој ги виде виденијата на Сèсилниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отвараат. Го гледам, но не сега; Го набљудувам, но не од близина: Ѕвезда излегува од Јаков, Жезал се издига од Израел.“
(4 Мојсеева 24:15-17, Библијата)

Откако го прочитаа ова мудреците, настапи едноминутна тишина. Еден од нив ја прекрши тишината велејќи: „Добро, знаеме дека жезалот е симбол за цар кој треба да излезе од Израел. Знаеме дека Валаам не зборувал за своето време, туку за некој цар во подалечно време… но како ѕвездата што излегува од Јаков се вклопува во нашите пресмети за доаѓањето на Месијата?“ Тогаш возбудениот мудрец со ококорени очи, без да изусти ни глас, ја тргна завесата од прозорот и им ја покажа сјајната ѕвезда што полека се поместуваше кон запад, кон Јудеа. Сите ги ококорија очите, а најстариот од нив проговори: „Тоа е тоа, нема повеќе време за чекање. Да поспиеме уште некој саат и пред изгрејсонце ќе се подготвиме за патување, ќе одиме и ќе му се поклониме на долгоочекуваниот Цар“.

Утринта набрзина појадуваа, ги натоварија камилите со се она што им беше потребно за долгото патување и беа спремни за пат. Еден од мудреците рече: „Чекајте пријатели, не е убаво со празни раце да одиме. Ајде да го даруваме овој Цар“. Најстариот мудрец рече: „Во право е. Ќе земеме злато – бидејќи тој е Цар, ќе земеме и темјан – бидејќи е свештеник; и смирна бидејќи е Помазаник (Месија)“. И тргнаа.

За десетина дена стигнаа во Јудеја. Бидејќи не знаеа каде точно да се упатат, решија да отидат во Ерусалим и побараа прием кај царот Ирод за кого веруваа дека и тој заедно со евреите со нетрпение го очекуваат Царот Месија. Ирод се збуни, а воедно и исплаши од можната закана по својот престол. Па затоа ги повика еврејските старешини и книжници да им кажат од каде треба да се појави тој Цар според пророштвата на светите книги. А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша вака: „А ти Витлеему Ефратов, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња.“ (Пророк Михеј 5:2, Библијата) Еден од мудреците им пререче на другите: „Ви реков дека требаше да ја набавиме и книгата на пророк Михеј!“

Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.” Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.
Приказната продолжува во евангелието по Матеј 2-то поглавје…