Ако Бог постои, зошто допушта зло и страдање?
Доколку сакате да погледнете 10мин видео со одличен одговор на ова прашање од теологот Филип Иванов, кликнете на следниов YouTube линк.
Зошто има толку болка на светов? Зошто умре мама? Зошто има земјотреси? Поплави? Зошто ракот не ги промашува ни децата? Зошто војни, тероризам? Реални ли се вестиве? Што се случува со светов? Каде е Бог во сето ова? Сериозно, каде е Бог и зошто молчи?!!
Тешко му на оној кој на своја кожа го осетил трнот на горниве прашања. Речиси и нема човек кој не си ги поставил овие прашања. Но една е нивната интонација кога дознаваме за некоја трагедија од медиумите, а друга е кога таа трагедија ги поткачува нашите соседи, нашето семејство или пак нас самите. Тогаш се подигаат насолзените очи кон небото и со огнен поглед му упатуваат прашање на Бог: ЗОШТО?!! Доколку поминуваш низ некое моментално страдање или трагедија, знај дека соочувствувам со тебе бидејќи горното прашање ми беше поставено на еден интерент форум во 2007 во периодот кога примав хемотерапии и се лечев од рак. Првичната верзија на овој текст ја пишував без коса, без веѓи, со намалени крвни вредности, со брунила во десната рака и Библија во левата.
1. Заклучокот не е каузално доследен.
Што значи ова? Ова значи дека доколку околу нас постои зло и страдање, од тоа не мора да следи заклучокот дека Бог не постои. Тоа што ние во моментот можеби не ја знаеме причината зошто Бог допушта зло и не интервенира веднаш, тоа не значи дека треба да избрзуваме со заклучок и од нашето незнаење да тврдиме дека Бог не постои. Тогаш би биле слични како примитивните антички пагани кои не знаејќи која е причината за громот си измислувале бог на грмотевиците за да им ја пополни празнината во знаењето. На сличен начин некој може и немањето одговор на ова и слични прашања да го пополни со атеизам и да рече „е тоа е така затоа што нема Бог“. Значи како што има „богови“ кои пополнувале празнини во знаењето (God of gaps), така има и атеисти кои ги пополнуваат дупките во знаењето со атеизам (Atheism of gaps). Ни едното ни другото не е добро. Ние треба да извлекуваме заклучоци од тоа што го знаеме, од откриените факти за реалноста, а не од она што не го знаеме, од непознатото или од прашалниците.
2. Не знам
Да, добро прочитавте. И „Не знам“ е одговор. Понекогаш најискрен. Можеш да имаш два доктората по теологија и два доктората по филозофија и пак да не ја знаеш причината зошто некому му се случило нешто. Зошто? Затоа што ние не сме Бог. Затоа што ги немаме сите одговори. Ни одблиску ги немаме. Ако сакаме да бидеме реални и објективни, мора понизно да ја прифатиме реалноста дека не знаеме сè и не можеме да знаеме сè.
3. Ако нема Бог – нема ни зло
Точно така. Ако нема Бог и ако целиот овој свет е само една случајна организација на материјата, тогаш термините како „зло“, „добро“ и „морал“ се само една фиктивна, имагинарна категорија, општествена креација на хомосапиенсот. Ако не постои Бог, тогаш смртта и убиството се само дел од природната селекција, дел од животинскиот синџир, борба за опстанок на својот вид (народ, семејство). Ако нема Бог и ако не постои апсолутен морал, тогаш не постои објективен критериум според кој може да се каже дека она што Хитлер го направил е апсолутно зло. Ако кај нас моралот е „општествена конструкција“, тогаш на друга планета, со поинаку конструиран морал, можеби она што Хитлер го направил е херојско доблесно дело и заслужува Нобелова награда.
Ако нема Бог, тогаш болеста е само една посебна состојба на организмот. Штетните бактерии, вирусите, сидата итн., не се наши непријатели, туку се само дел од синџирот на исхрана. Нема духовни категории. Сè е материја и енергија. Солзите се само солена вода, продукт на хемиски реакции предизвикани од некакви си таканаречени „емоции“.
4. Чија е вината за злото?
Ако постои семафор, зошто се случуваат сообраќајни незгоди? Дали семафорот не постои? Дали тој е само слепа вера на возачите-верници? Дали семафорот не работи? Или, пак, можеби возачите не ги почитуваат неговите сигнали?
Ако постои професор, зошто дозволи да паднам на испит? Ова е аналоген атеистички (пардон апрофесорски) аргумент во врска со постоењето на мојот Професор. Дали, затоа што паднав на испит, треба да се посомневам во постоењето на мојот професор? Дали мојот професор е лош? Или, пак, јас можеби не сум научил доволно?
Ако постои судија, зошто фудбалерите меѓусебно се влечат и туркаат? Итн. Како што видовме, постојат повеќе можни причини за една последица, било да се разботи за примерот со семафорот, професорот, судијата или со Бог. Пак ќе повторам: не е добро да избрзуваме со заклучокот дека, штом постои зло, тогаш нема Бог.
5. Нашата слободна воља
Една од главните причини зошто Бог допушта зло и страдање е човековата слободна волја. Бог не го создал човекот како робот. Бог му дал/доверил на човекот слободна волја, слобода на личен избор, му дал слобода да бира меѓу послушност и непослушност, меѓу светост и грев. Му дал слободна волја да живее во хармонија со Бог, или одвоен од Бог и своеглаво. За жал човештвото, нашите предци, бунтовно избраа независност од Бог и своеглаво живеење и владеење без упатствата на Создателот. Приказната за бунтов-ниот син во Библијата добро ја илустрира состојбата на „независниот човек“.
Но треба да имаме на ум дека слободната волја подразбира и лична одговорност. Не можеме ние да оплескаме некоја работа, а потоа да бараме одговор-ност од друг. Бог ни дал слободна волја со која ние можеме да направиме грев, но доколку го направиме, одговорноста треба да ја бараме кај нас, а не кај „лошиот Бог“.
6. Не секое зло во нашите очи е навистина зло
Еден од моите омилени библиски цитати, напишан од перото на пророк Исаија, гласи вака:
„Зашто вашите мисли не се Мои мисли и Моите патишта не се ваши патишта ̶ словото е Господово ̶ Како што небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта и Моите мисли над вашите мисли.”” (Исаија 55:8-9, Библијата)
Овој цитат ја скротува човековата горделивост, умислена сезнајност, сепредвидливост и неговото избрзување во давањето суд за Божјата интервенција во некоја згода или незгода. Овој цитат нè подучува дека не секогаш ќе разбереме зошто Бог постапил вака или онака, или зошто допуштил нешто да се случи на начин кој нам можеби и не ни се допаднал, но сепак нè повикува на вера и свесност дека ние сме на Земјата и гледаме од ниска, а Тој е на Небото и гледа и дејствува од висока перспектива.
Илустрација:
Во едно село постоел еден мудар човек кој живеел со своето семејство. Еден ден, единствениот коњ на семејството, избегал. Селаните од соседството им дофрлиле: „Леле какво зло ве снајде!”. На тоа мудриот човек им одговорил: “Од каде знаете дека е зло?”
Следниот ден коњот сам се вратил и со себе довел уште пет други диви коњи. Селаните промрмореле: „Море какво добро ги снајде овие побожниве!”. На тоа мудрецот одговорил: „Од каде знаете дека е добро?”
По неколку дена, синот на тоа семејство се качил на еден од дивите коњи, за да го припитоми, но коњот го отфрлил и тој паѓајќи, си ја скршил ногата. „Тоа што сметавме дека е добро, испадна лошо.” ̶ пак му префрлиле селаните. Мудриот повторно одговорил: „Од каде знаете дека е лошо?”.
За кратко време нивната земја завојувала со друга. Царот заповедал сите здрави машки деца постари од 16 години да одат во војна. Синовите на сите селани биле собрани на фронтот и многумина од нив загинале. Но, синот на мудриот не го земале на фронтот, поради скршената нога. И така се спасил. Селаните замолкнале.
Тука завршува приказната, а соодветниот библиски цитат гласи вака:
„Знаеме дека сè што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние, кои Го љубат Бога.“
(Посл. Римјаните 8:28, Библијата)
7. Заради повисоките Божји цели
Ова e продолжение на горниот библиски цитат од пророк Исаија 55:8-9. Некои луѓе денес, а и во Исусовото време, верувале дека, доколку некој е здрав, жив, благословен со деца, имот, поштеден од неволи и зла – тој мора да е добар човек, Божји човек кој речиси и нема гревови. А, доколку некој бил болен, слеп, инвалид, неплоден и сл., тој човек мора да бил некој грешник, некој неблагословен (проколнат) од Бога.
„И кога (Исус) заминуваше, виде човек слеп од раѓање. Учениците го прашаа: „Учителе, кој згрешил: тој или неговите родители, па се родил слеп?” Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ни неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела на него.“ (Ев. по Јован 9:1-3)
Овде гледаме една сосема нова, изненадувачка причина заради која човекот бил роден слеп, причина која најмалку ја очекувале Христовите ученици и причина, која верувам, целосно ја разбрале дури откако Исус го исцелил овој човек и потоа преку него му се објавил на светот како „Светлината“. Слепородениот му послужил на Исус со тоа што тој, со својот живот и преку своето исцеление, го објавил Христос како „Светлината“. Многумина поверувале во Исус и се спасиле од своите гревови токму поради овој човек кој се родил слеп.
8. Ако Бог денес го уништи злото, колку од нас ќе останат живи?
Луѓето често прашуваат: Зошто Бог не ги уништи сите зла и неправди. Но, што е тоа што Бог треба да го уништи, во тој случај? Злото не е некоја црна прашина по улиците што Бог треба да ја зачисти. Злото е во нас луѓето. Ние сме злото. Oпс! Тој треба да ја уништи нашата омраза, насилство, алчност, себичност, љубомора, нечесност и уште многу други нешта. Но таа не е одвоена материја од нас, туку е во нас, во нашата (грешна) природа. Библијата јасно говори дека нема безгрешен човек. Исус рекол: „Никој не е добар, освен единиот Бог“ (Ев. Лука 18:19) Рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин рекол дека:
„Линијата што го раздвојува доброто од злото, не поминува низ држави, класи, ниту низ политички партии, туку низ човековото срце – низ сите човекови срца.“
Ако Бог денес одлучи да го уништи сето зло, колкумина од нас ќе останат живи? Некои мислат дека Бог треба да ги уништи само оние како Хитлер, Сталин, некои сериски убијци или педофили. Тоа што ќе посочиме некои, условно кажано „полоши“ луѓе од нас, воопшто не нѐ прави нас подобри. Во нашата околина можеби постојат луѓе кои, кога би имале половина од власта и моќта на Хитлер, би убиле двојно повеќе од него.
9. Љубовта е главната причина поради која Бог го одложува нокаутот на злото
Да, Бог би можел уште денес да го уништи злото т.е. нас, луѓето. Но Библијата вели дека Бог не ја сака смртта на грешниците, туку сака тие да се покајат од злото и гревовите и на тој начин да се спасат од вечната смрт. Можеби ќе звучи малку парадоксално, но според Библијата, главната причина зошто Бог не го уништува злото веднаш е токму љубовта кон човештвото. Неговата љубов, милост и долготрпеливост се тие што го задржуваат Божјиот нокаут на злото. Затоа и Божјиот Син – Исус, дојде во овој свет меѓу грешните и зли луѓе и доброволно вкуси голем дел од страдањето, со цел да нѐ спаси нас и да постави основа на која ќе може да го уништи злото, а притоа да го помилува грешникот (јас и ти) кој ќе се покае од гревовите и ќе го прифати Божјото спасение преку Исус.
Се ближи денот на Божјиот конечен суд. Тогаш ќе биде суден секој човек, според неговите дела и ќе биде казнет за неговите недела. По тој чин, целосно ќе биде задоволена Божјата правда. Според Библијата ќе бидат помилувани само оние кои се покајале и го прифатиле Христос како нивен Спасител. До тогаш, на земјата сè уште ќе има неправди, зло, страдање, бидејќи Бог сè уште го одложува својот суд, затоа што чека уште некој да се покае, да се спаси и преку Христос да стане Негово дете.
Кога некои луѓе дојдоа и го известија Исус за едно злодело на Пилат и за една трагедија што се случила во Ерусалим, Исус им одговорил:
„Мислите ли дека тие Галилејци беа повеќе грешни од сите други Галилејци, па затоа настрадаа така? Не, ви велам, но ако не се покаете, сите ќе загинете така. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа повиновни од сите луѓе кои живеат во Ерусалим? Не, ви велам. Но ако не се покаете, сите ќе загинете така.” (Ев. по Лука 13:2-5)
Тука гледаме една трагедија од човечки фактор (Пилат) и една од природен фактор (кулата што паднала). Исус им покажал на луѓето дека трагедиите не се Божја казна за луѓето кои се „погрешни“ од другите. И не се одговор на самоправедните кои велат: „Ако има Бог, ќе му плати!“ или „Ете, лош човек беше, лошо го снајде!“.
Исус им покажал дека прашањето за злото и страдањето е малку покомплексно и човекот веројатно не е подготвен, барем за сега, целосно да го разбере. Исус, всушност, ни покажува дека тоа не е вистинското прашање кое треба да си го поставуваме. Трагедиите треба да нè потсетат колку сме кревки, дека сме од прав создадени, дека не сме вечни овде на Земјава и дека, ако не се покаеме од нашите гревови, и ние ќе загинеме.
10. Страдањата на праведниот Јов
Кога на некој многу лош човек ќе му се случи некоја несреќа, страда, се разболи или умре, често пати знаеме да си речеме „ете, лош човек беше – лошо го снајде“. И речиси сме сигурни дека страдањето го снашло заради некои негови/нејзини гревови, небаре Бог ни шепнал на увце за тоа. Кога некој многу ќе ни згреши, речиси и очекуваме Бог да го казни. Обично си велиме „ако, има Бог, гледа…“ и очекуваме казната да го снајде утре, задутре или после 40 дена како на македонските приказни. А кога некој кој го сметаме за добар човек, хуманитарец на пример, ќе го снајде нешто лошо, тогаш сме полни со прашалници и вината ја фрламе на Бог и велиме: „абе како можеше баш него/неа да го снајде ова, па тој на мравка не газеше…“. Извинете, ова не е христијанство. Ова е верување во карма и е дел од источните религии (будизам, хиндуизам).
Во средината на Библијата се наоѓа книгата за праведниот страдалник Јов и во неа на долго и широко се зборува за неговите страдања. Бог уште на почетокот вели дека на целата земја немало праведен и непорочен човек како Јов. А сепак тој страда. Во краток временски период му умираат добитокот, слугите, па децата, му се урива и куќата, а и тој заболува со лути рани по целото тело. Потоа следат неколку монолози и дијалози меѓу Јов и Неговите пријатели и Бог, и во цели 48 поглавја од книгата, Јов се обидува да дознае зошто се сите тие страдања кога тој не направил никаков грев. Во тие монолози, дијалози, молитви, Јов дури и се расправа со Бог по овие прашања. Бог најпосле го понизува и смирува неговото ограничено знаење, при што се поттикнува верата во Суверениот Бог и Неговата премудрост. Оваа библиска книга не поттикнува да ги донесеме нашата болка и гнев пред Бог, и да веруваме дека Бог се грижи, знае што се случува, и сè е под Негова суверена контрола.
(За тие што разбирате англиски, еве едно одлично видео за книгата Јов, долго 11 мин.)